241
Претставник на проруските власти во областа Харков денеска изјави дека украинските сили осум пати ги надминале руските и проруските сили за време на контраофанзивата во таа област, која Украинците ја започнаа минатата недела.
Говорејќи за рускиот ТВ канал „Русија-24“, Виталиј Ганчев рече дека украинските сили ги вратиле населбите кои биле под руска контрола во северниот дел на регионот Харков и дека околу 5.000 цивили се евакуирани во Русија, пренесе „Ројтерс“.
Кирил Стремусов, еден од проруските функционери на Херсон, во јужна Украина, град кој исто така е под руска контрола, утринава преку Телеграм објави дека се „збунети од ситуацијата на северот“ каде што се пријавени руски загуби, како и дека Херсон нема да падне.