Во вториот квартал на годинава, во Хрватска просечната месечна нето плата изнесувала 1.526 евра, се дознава од анализата на mojaplaca.hr, сервис на фирмата Alma Career Croatia.
Тоа е 4% повеќе отколку во првиот квартал на годинава и 17% повеќе од вториот квартал на 2024 година.
Ако се погледне медијалната, односно „средната“ плата, која подобро ги одразува состојбите со личните доходи, таа во вториот квартал на 2025 година изнесувала 1.410 евра. Нејзиниот раст е речиси идентичен со растот на просечната плата во однос на првото тромесечје на 2025 и второто тромесечје на 2024 година.
Најголеми плати во Хрватска добиваат вработените во ИТ секторот и телекомуникациите. Нивните месечни примања се 21% повисоки од просекот, а најниски плати се исплаќаат во туристичкиот сектор, и тие изнесуваат 10% помалку од просекот.
Најголем пораст на платите за една година е забележан во секторите земјоделство (+22%) и во транспорт, логистика и складирање (+19%).
Во поглед на менаџерските примања, просечните плати се речиси двојно повисоки од националниот просек, односно надминуваат 3.000 евра.