Руските преговарачи на мировните преговори во Истанбул побарале, пред да се согласи на прекин на огнот, Украина да ги повлече своите сили од сите украински територии кои во моментов се под контрола на Москва, изјавил во саботата висок украински функционер запознаен со преговорите.
Тоа барање, заедно со другите што беа презентирани во петокот, оди подалеку од рамката на нацрт-мировниот договор што САД го предложија минатиот месец по консултациите со Москва.
Првите директни преговори во Истанбул меѓу двете страни за три години завршија со договор за размена на воени заробеници, без договор за прекин на огнот.
Според украинскиот функционер, Русите предложиле повлекување на украинските војници од Донецк, Запорожје, Херсон и Луганск како услови за мировниот договор, а дури потоа би имало прекин на огнот.
Русија претежно ги контролира сите овие региони, но украинската армија сè уште се бори во некои делови.
Москва дополнително бара меѓународната заедница да признае пет области на Украина како руски. Заедно со Донецк, Луганск, Запорожје и Хезрон, се бара и признавање на Крим, анектиран во 2014 година, како дел од руска територија. Американскиот предлог вклучува „де јуре“ (правно) признавање само за Крим и „де факто“ (фактичко) признавање за делови од други региони под руска контрола.
Москва побара сите страни да се откажат од своите права на воена отштета, додека САД бараат Украина да добие отштета.
Украинскиот функционер рекол дека руските преговарачи ги презентирале тие барања усно, а не писмено. Украина оценила дека преговарачката позиција на Русија во Истанбул покажала дека Москва не е сериозна во врска со постигнувањето мир, а европските сојузници на Киев бараат од американскиот претседател Доналд Трамп да воведе нови санкции врз Русија.
Киев и европските сојузници изработиле алтернативен предлог, според кој прво би се склучило прекин на огнот, а дури потоа би започнале преговорите. Тие, исто така, одбиваат да разговараат за територијални прашања до подоцнежна фаза.