Со порака „Правда за жртвите” и вечерва пред Владата се одржа протест за случајот со Клиниката за онкологија, кој заврши пред Министерството за здравство. Организаторите на протестот истакнаа дека не е исполнет ултиматумот од минатата недела, односно Јавното обвинителство не ги објавило сите детали за текот на истрагата за скандалот на Онкологија.
Организаторите најавија дека ќе продолжат да протестираат пред владината зграда секој понеделник во 18 часот и дадоа рок дека доколку надлежните институции не преземаат ништо, нема никаква разврска околу овој случај до 1 ноември, тогаш ќе бараат притисок од меѓународната заедница за сите детали околу случувањата во Онкологија да бидат јавно објавени.
-До 1 ноември доколку не се одговори на ултиматумите на организаторите на овој протест, заедно здружени колеги уметници, новинари, невладини организации и граѓански здруженија ќе побараме и меѓународна поддршка за овие протести и обелоденување на сите сознанија од Онкологија, истакна Даријан Петров, активист, театарски актер.
Тие вечерва поставија шест нови ултиматуми: Истрага за инволвираноста на поранешниот министер за здравство Венко Филипче и поранешниот директор на Онкологија Нино Васев; Проширување на истрагата на работата на Детска онкологија; Целосна ревизија на работата на Клиниката за Онкологија; Правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; Обелоденување на информациите од истрагата за трагедијата во модуларната болница во Тетово и Одговорност од ЈО кое одлучи дека нема кривично дела во трагичниот случај со малата Јана од Битола.
Освен за случувањата во Онкологија, граѓаните кои протестираа упатија реакција и други случувања, како што се измените на Кривичниот законик, за малата Јана од Битола, за пожарот во модуларната болница во Тетово и за трагичната автобуска несреќа во Бугарија.
-А вие мои драги сограѓани што сте тука кои сметате дека со протести не може да се постигне ништо, само сетете се како веднаш по нашиот прв протест по кратка постапка ги донесоа измените на Кривичниот законик со кој драстично си ги намалуваат казните за злосторничко здружување и злоупотреба на овластувањата. Ова е вистински показател дека се плашат од својот народ и треба да се плашат. Не смееме да престанеме и да се предадеме. Ние граѓаните не смееме да заборавиме дека не се бориме само за нас, туку и за нашата иднина – децата. Ако сакаме да ја имаме, мора да продолжиме да бидеме гласни и да го одбраниме нашето достоинство и да се избориме за тоа што му припаѓа на секој човек – најдобра здравствена нега, образование и функционални институции, истакна Александар Панајотов, кој е дел од организацијата на протестите.
Инаку, Јавното обвинителство во петок поднесе обвинение за „проневера“ против медицинската сестра од Клиниката за онкологија која крадела цитостатици. Осомничената не е достапна за органите на прогонот.
– Јавното обвинителство против неа поднесе два обвинителни предлози за кривични дела – „проневера“ во службата од член 354 од Кривичниот законик. Во текот на претходната постапка, Обвинителството обезбеди докази дека обвинетата, со намера да прибави противправна имотна корист за себе, присвоила поголем број ампули со различна намена во вкупна вредност од 59.760 денари кои ѝ биле доверени во службата. Ампулите ги изнесувала од работното место, а потоа ги оставала во автомобил со намера да ги предаде на друго лице, појаснуваат од Обвинителството за МИА.
Медицинскиот директор на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија, Виолета Клисаровска на почетокот од месецов информираше дека медицинската сестра била фатена во повторен обид за кражба и дека е отстранета од работа. На новинарско прашање какви овластувања имала сега отпуштената, директорката одговори дека станувало збор за медицинска сестра во дневната болница и не била директно поврзана со припрема на лековите.