Илјадници Чеси излегоа на улиците на Прага, Брно и уште десетина градови низ Чешка денеска на протест против претседателот Милош Земан, убедени дека шефот на државата дејствува како агент на Русија, наместо да ги брани интересите на Чешка Република и нејзините граѓани.
Специфичната причина Чесите да излезат вечерва да демонстрираат против претседателот Земан беше неговото обраќање пред граѓаните во неделата.
Потоа тој ги оспори тврдењата на чешката влада, полициските извештаи и службата за безбедност БИС за вмешаност на двајца руски агенти на ГРУ во експлозијата на магацинот со муниција есента 2014 година, тврдејќи дека истрагата сметала и на верзија за непрофесионално ракување со муниција, иако таа верзијата беше исклучена пред неколку години.
Чешките медиуми наведоа дека во говорот од околу осум минути, претседателот на Чешка, покрај спомнувањето на верзијата што беше одбиена во истрагата, а која веднаш беше цитирана од руски официјални лица и медиуми, успеа да изнесе уште неколку невистини и дезинформации.
„Наместо да ја поддржува својата земја, претседателот ги повторува истите бајки како проруските портали за дезинформации и руската пропаганда. Неговото останување на функцијата е закана за нашата република “, рече денес еден од организаторите на демонстрациите, Бенџамин Рол од здружението „Милиони моменти за демократија“.
Чесите донесоа знамиња на Чешка и на Европската унија и транспаренти со пораки „Нашето место е на Запад“, „Земан предавник“ или „Ние не сме Русија, не сме стока“ на протестот под слоганот „Претседателот претера“.
Демонстрантите ги повикаа сенаторите на чешкиот парламент да го тужат претседателот Земан до Уставниот суд за велепредавство, а петицијата со тоа барање беше потпишана на самото место, иако Горниот дом на чешкиот парламент веќе започна да проверува дали има елементи и основи за ваквата постапка.
Според проценките на полицијата, околу 10.000 луѓе се собрале на плоштадот Веценслас на најголемиот протест вечерва во Прага, а најмногу ги почитувале санитарните мерки поради пандемијата Ковид-19, меѓу другото, за да се држи растојание од два метра.