Протест во Белград: Растерани демонстрантите, летаа димни бомби и солзавец, Вучиќ свика итна седница

од Vladimir Zorba
305 прегледи

Силни сили на српската полиција интервенираа во неделата вечерта пред државните и градските институции во Белград, разбивајќи ги постизборните протести кои пред една недела ги свика опозициската коалиција на левиот центар, обвинувајќи ја власта за кражба на изборите.

Неколку стотици припадници на интервентната бригада на полицијата и жандармеријата, опремени за разбивање демонстрации, ги растераа демонстрантите пред Собранието во Белград, во кое рано вечерва се обидоа да влезат неколку лидери на опозицијата, кршејќи го стаклото на влезната врата.

Белградските медиуми јавуваат дека се уапсени неколку лица, меѓу кои и неколку студенти, но се уште нема официјални потврди за ова. Во меѓувреме, десетици полициски возила ја блокираа зградата на белградското Собрание, а полициски кордони има и пред канцеларијата на претседателот Александар Вучиќ на „Андриќев венец“ во центарот на градот.

Илјадници луѓе се собраа претходно во неделата навечер на седмиот протест по изборите на 17 декември, за кои опозицијата тврди дека се украдени и бара поништување.

Српскиот претседател Вучиќ претходно денеска ги отфрли приговорите и обвинувањата дека изборите се нерегуларни, нарекувајќи ја опозицијата „лажговци“ и најави конституирање на парламентот до крајот на јануари, а нова влада во февруари, но не ја отфрли можноста за повторување на изборите во Белград.

Вечерашниот протест започна пред седиштето на државната изборна комисија, а потоа толпата се пресели пред белградското Собрание. При обидот за влез во објектот било скршено стаклото на влезната врата и два странични стакла.

Владејачката Српска напредна партија (СНС) на Вучиќ прогласи апсолутна победа ноќта на изборите, а Државната изборна комисија (РИК) во понеделникот потврди дека СНС освоила 46,84 отсто од гласовите.

Опозициската коалиција на левиот центар „Србија против насилството“ (СПН) освои 23,38 отсто. На паралелните избори во Белград, СНС има околу 38 отсто, а СПН околу 35 отсто од гласовите.

Таа коалиција, која повика на протести, тврди дека волјата на граѓаните е украдена со бројни злоупотреби, пред се во главниот град. Коментари имаа и од меѓународните набљудувачи кои оценија дека кампањата за изборите, иако тој не беше кандидат, се карактеризира со доминација на Вучиќ, кој заедно со нелојалната конкуренција, пристрасните медиуми, носењето гласачи од Република Српска, миграцијата на гласачите и многубројните други нерегуларности, придонесоа за нерамномерни изборни услови.

Слични содржини