Денес во Неготино ќе се одржи протестен марш под мотото „Стоп за сообраќајното насилство“, организиран во чест на Фросина Кулакова, која загина откако беше прегазена во Скопје.
Организаторите обезбедија бесплатен превоз за сите што сакаат да присуствуваат, со цел што поголем број граѓани да се приклучат на повикот за промени.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите кои секојдневно се случуваат на нашите улици. Овој протест е повик за промени, порака дека е доста со жртви во сообраќајот. Маршираме за Фросина, за Викторија, за сите кои го загубија животот поради несовесни возачи и нефункционални институции“, стои во повикот за учество.
Протестот има цел да ја нагласи итната потреба од системски промени и посигурни патишта.
Фросина Кулакова, студентка по моден дизајн, го загуби животот на 22-годишна возраст додека преминуваше на пешачки премин на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.