Протести во Амстердам поради локдаунот, илјадници луѓе на улица (ВИДЕО)

од Nikola Popovski
363 прегледи

Илјадници луѓе во главниот град на Холандија, Амстердам, протестираа против мерките за затворање наметнати од владата, пркосејќи им на забраната за собири.

Имено, локалните власти го забранија протестот, наведувајќи дека полицијата има индиции дека некои демонстранти се подготвени на насилство, пренесе АП.

Група луѓе во бели комбинезони и со бели маски носеа неколку транспаренти, меѓу кои на едната страна пишуваше: „Не се работи за вирусот, туку за контрола“, а на другата: „Слобода“.

Издадена е итна наредба за насобраните да го напуштат Музејскиот плоштад, а полицијата ги растера демонстрантите на околните улици.

Пред пристигнувањето на полицијата, некои учесници развија транспарент во близина на музејот на Ван Гог на кој пишуваше „Помалку репресија, повеќе внимание“.

Демонстрациите се одржаа истиот ден кога холандската полиција најави дека ќе преземе мерки поради зголемените барања поврзани со нивната работа.

Сепак, претставници на полицискиот синдикат рекоа дека единиците за интервенција ќе продолжат да работат доколку има потреба.

Како што може да се види на снимката од местото на настанот, полицијата во обид да ги растера демонстрантите им пушта кучиња и ги удира со палки.

Бројот на новозаразени со коронавирусот постепено се намалува во Холандија, која во ноември воведе мерки за локдаун и дополнително ги заостри за време на празниците.

Како дел од локдаунот, затворени се сите продавници освен оние кои продаваат основни намирници, но и барови, ресторани и музеи, театри и кина.

Фото: ProNews Producties

Слични содржини