Протести во Шпанија поради убиство од омраза поради сексуална ориентација

од Stefanija Kuzmanovska
184 прегледи

Голем број луѓе излегоа на улиците во најголемите шпански градови во знак на протест против смртта на 24-годишно момче во наводен хомофобичен напад кој се случил за време на викендот.

Толпа луѓе синоќа го исполнија централниот плоштад во Мадрид, а активистите маршираа и на главната улица во Барселона, извикувајќи пароли и веејќи транспаренти и знамиња во боја на виножито.

24-годишен медицински техничар, кој подоцна починал во болница, бил претепан од неколку напаѓачи во близина на ноќен клуб во раните утрински часови во саботата во Коруња, во северна Шпанија, а еден од нив извикувал вообичаени погрдни описи на хомосексуалец, објави РТВЕ.

Претставник на локалната регионална влада, Хозе Минонес, потврди дека полицијата работи на утврдување на фактите во инцидентот и дека трага по сторителите на ова насилство, што треба да покаже дали тоа било мотивирани од хомофобија.

Податоците од Министерството за внатрешни работи покажуваат дека во Шпанија во 2019 година биле пријавени 278 кривични дела од омраза поврзани со сексуална ориентација или родов идентитет, што е зголемување за 8,6 проценти во споредба со претходната година, а Агенцијата на ЕУ за основни права предупредува дека само мал број кривични дела од омраза се пријавени во полиција.

Слични содржини