Денот пред Рускиот претседател Владимир Путин да пристигне во Женева на историски самит со американскиот претседател Џозеф Бајден, беше забележан протест во тој град во Швајцарија кој повика на ослободување на критичарот на Кремљ, Алексеј Навални.
Со голи гради, во воени панталони со цел да се имитираат снимките од летниот одмор на рускиот претседател, демонстрантот Александар Љубушин стави маска со лицето на Путин и седна на клупа на сончевиот плоштад во Женева, преправајќи се дека држи вотка, објави „Ројтерс“.
На прашањето дали очекува добар резултат на самитот закажан за утре попладне во блиската вила покрај езерото, имитаторот на Путин одговори: „Секако. Ако не, ќе ги суспендирам сиот гас и нафта“.
На клупата покрај него имало лажен пиштол и модел на нервниот агенс Новичок, за кој германските лекари рекоа дека минатата година се користел во Сибир за да се отруе Навални, што Кремљ го негира.
Во близина, неколку десетици демонстранти побараа ослободување на Навални, кој издржува затворска казна во траење од две и пол години.
Тие извикуваа „Русија без Путин“ покрај постер со Навални.