Градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, ги негира сите обвиненија за тероризам, стои во судскиот документ што го видел Ројтерс во саботата, откако турските власти го приведоа во средата под наводни обвиненија за корупција и тероризам.
„Денес, за време на испрашувањето, сфатив дека и јас и моите колеги се соочуваме со незамисливи обвинувања и клевети“, рекол Имамоглу во своја одбрана за време на испрашувањето, покажува документот.
Имамоглу е клучна опозициска фигура и се смета за најжесток политички ривал и потенцијален предизвикувач на претседателот Тајип Ердоган, а беше уапсен непосредно пред неговата номинација за претседателските избори.
„Овие клевети ќе се вратат да ги прогонуваат откако ќе удрат во ѕидовите во срцата на нашите граѓани“, кажал Имамоглу.
„Клучно е нашата земја што поскоро да се ослободи од овој менталитет, бидејќи таквите луѓе мислат дека имаат право да направат се за да ги заштитат своите позиции“, додал Имамоглу, алудирајќи на Ердоган.
Имамоглу повторно ќе се очекува да се појави пред судот кога ќе биде донесена одлука за неговото ослободување или притвор во очекување на судењето.
Десетици илјади Турци излегоа на улиците во главно мирни протести од средата, предизвикани од неговото апсење. Турските власти приведоа 343 лица за време на протестите во текот на ноќта во неколку градови, соопшти во саботата Министерството за внатрешни работи.
Републиканската народна партија (CHP) на градоначалникот, главната опозициска партија, го осуди потегот како политички мотивиран и ги повика поддржувачите на легални протести.
Во исто време, турските власти блокираа најмалку 85 профили на социјалната платформа „X“. Според „Енџеливеб“, турска иницијатива која ја следи цензурата на интернет, профилите на истакнати феминистички и студентски групи кои ја критикуваат администрацијата на Ердоган се блокирани.