Процесот Брдо-Бриони: Усвоен заклучок од шест точки за европскиот пат на Западен Балкан

од Stefanija Kuzmanovska
218 прегледи

На Брдо кај Крање се одржа 11-тиот состанок од Процесот Брдо-Бриони. Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека на средбата е усвоен заеднички заклучок од шест точки, со кој се потврдува поддршката за европскиот пат на Западен Балкан.

„Заклучоците бараат визна либерализација за сите во регионот, кандидатски статус за Босна и Херцеговина и поддршка од Европската унија поради тешката енергетска ситуација, доколку е можно“, изјави Вучиќ за новинарите.

Домаќини на средбата беа претседателот на Словенија Борут Пахор и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ, а покрај Вучиќ, на самитот учествуваа и албанскиот претседател – Бајрам Бегај, членовите на Претседателството на БиХ – Жељко Комшиќ, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, претседателот на Црна Гора – Мило Ѓукановиќ, претседателката на Косово – Вјоса Османи и претседателот на Северна Македонија – Стево Пендаровски.

На денешниот самит на Процесот Брдо-Бриони не беше усвоена заедничка декларација бидејќи Босна и Херцеговина не сака да ја прифати хрватската позиција за важноста на „легитимното претставување на конститутивните народи на сите нивоа на власт во Босна и Херцеговина“, пренесува „Хина“, повикувајќи се на неофицијални извори.

Состаноци на лидерите на Иницијативата Брдо-Бриони, која ја покренаа Словенија и Хрватска со цел да поттикнат побрз пристап на регионот на ЕУ, се одржуваат секое лето од 2013 година, најмногу во Словенија.

Слични содржини