На првиот Конгрес на политичката партија Движење ЗНАМ – За наша Македонија што се одржа вечерва во Скопје е официјализирана претседателската кандидатура на Максим Димитриевски.
Димитриевски во својот говор истакна дека доколку биде избран за шеф на државата, ќе се заложи да се одредат црвените линии од кои нема отстапување.
-Политиките кои ќе се спроведуваат доколку граѓаните ни ја дадат довербата, ќе имаме модерна европска и силна држава Македонија. Силна економија и институции, владеење на правото, здравство за сите, доколку ова го оствариме ние ја имаме Европа дома, порача Димитриевски, кој пред присутните се заблагодари за довербата да влезе во трката за претседател на државата.
Прашан за коментар за предлогот претседателот на државата да се избира во Собрание, Димитриевски оцени дека тоа ќе значи намалување на капацитетот на државата и институциите.
-Ќе го намалиме капацитетот на државата и институциите на државата кои на граѓанинот можат да му гарантираат дополнителна сигурност, рече тој.
Одговарајќи на новинарско прашање дали тој би ги прифатил условите на политичките партии на Албанците што ги поставуваат пред изборите, Димитриевски нагласи дека тој по принцип е човек кој не прифаќа услови и потенцира дека ги сфаќа како предизборен политички маркетинг на албанските политички субјекти.
-Македонија досега го менуваше својот Устав неколку пати и сметам дека уставот не е обичен тефтер хартија кој што треба да се менува во континуитет. На Македонија и е потребен претседател кој ќе биде гарант на суверен на граѓанинот и воедно ќе биде гарант на Уставот и еден начин на комуникација помеѓу граѓаните и власта, рече тој.
На новинарско прашање како планира да ја обезбеди поддршката на граѓаните да гласаат за кандидат за претседател, Димитриевски истакна дека ќе ја побараат поддршката како и сите други.
-Тоа што го направивме на локално ниво, ќе го пресликаме на централно. Ќе побараме поддршка од граѓаните. Ќе обезбедиме доволен број на потписи за поддршка на кандидатурата. Ќе излеземе со квалитетни кандидати на кандидатските листи за пратеници и ќе ја побараме поддршката како и сите останати. Мислам дека Македонија веќе е свесна и бара промени, не само промени од актуелната власт туку и промени од минатото и бара да отвори нови алтернативи. ЗНАМ тоа го нуди. Вечерва тоа го докажува и потврдува и ќе продолжиме на тој начин да ја бараме поддршката од граѓаните, а конечно е нивното. Дали е дојден моментот во Македонија за такво нешто? Да! Секојдневно слушаме дека во Македонија се гласа „против“, а не „за“. Денеска граѓаните ќе имаат можност и опција да ја поддржат ЗНАМ како нова политичка најбрзо растечка сила во историјата на македонскиот плурализам. Мислам дека ќе направиме суштински промени на политичката сцена, рече Димитриевски.