Во неговиот прв разговор со американскиот претседател Џозеф Бајден по неговата инаугурација, британскиот премиер Борис Џонсон ја поздрави неговата одлука да се приклучи на Парискиот договор за климатски промени и Светската здравствена организација, што Доналд Трамп го напушти, соопштија од кабинетот на британскиот премиер.
Џонсон на Твитер објави дека со нетрпение очекува „продлабочување на долгогодишниот сојуз“ меѓу Велика Британија и САД и дека разговарал со Бајден за „зелено и одржливо закрепнување од ковид-19“, објави Би-Би-Си.
Бајден положи заклетва за претседател и Камала Харис за потпретседателка на церемонијата одржана во средата во Вашингтон.
Британскиот премиер рече дека нивната инаугурација е „чекор напред“ за Соединетите држави.
Во соопштението од кабинетот на британскиот премиер се наведува дека соговорниците, продолжувајќи ја „долгата историја на соработка меѓу двете земји во областа на безбедноста и одбраната, ја нагласија нивната посветеност кон НАТО“.
Тие рекоа дека делат заеднички вредности во „промовирање на човековите права и заштита на демократијата“.
Двајцата лидери разговараа и за „придобивките од потенцијалниот договор за слободна трговија“ меѓу Велика Британија и САД, а Џонсон ја повтори својата намера „да ги реши постојните трговски прашања што е можно побрзо“.