Прва комуникација меѓу претседателите: За што разговараа Бајден и Путин?

од Nikola Popovski
134 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден му порачал на рускиот претседател Владимир Путин дека САД имаат намера да реагираат решително на штетните и опасни активности на Русија и дека ќе ги бранат своите национални интереси од нив, објави Белата куќа.

Портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки, на брифинг за новинарите изјави за содржината на телефонските разговори меѓу двајцата лидери, истакнувајќи дека Бајден има намера „да стави до знаење дека САД цврсто ќе реагираат за да ги заштитат националните интереси на Русија од опасни активности“.

Денешниот телефонски разговор меѓу двајцата претседатели беше одржан на иницијатива на Бајден и ова е нивни прв контакт откако Бајден го презеде претседателското место.

Според Псаки, тие разговарале за продолжување на Договорот за стратешко офанзивно вооружување (СТАРТ 3) и проблемите во односите меѓу двете земји.

„Бајден телефонски се обрати до претседателот Путин со намера да разговара за продолжување на Договорот СТАРТ 3 на пет години, како и да ја потврди силната поддршка на Америка за суверенитетот на Украина во контекст на тековната руска агресија“, рече Псаки.

Според неа, тие и нивните соработници наредиле да работат на тоа како Договорот ќе биде продолжен пред 5 февруари, кога во спротивно истекува.

Други прашања на дневен ред биле руските награди за нападите на талибанците врз американски војници во Авганистан, наводното руско мешање во американските избори, труењето на Алексеј Навални, односот на безбедносните сили кон демонстрантите во Русија.

Претходно, руските власти постојано ги отфрлаа обвинувањата на Вашингтон за сите овие точки.

Бајден и Путин, исто така, се согласија да комуницираат „транспарентно и редовно“ во иднина, велат од Белата куќа.