Германската Федерална канцеларија за заштита од радијација (BfS) и Сојузното Министерство за животна средина (BMUV) спроведоа истражување за влијанието на радијацијата од електричните и хибридните автомобили врз здравјето на луѓето.
За потребите на истражувањето, магнетните полиња беа измерени и оценети во седиштата на 11 чисто електрични автомобили, две хибридни возила и едно со мотор со внатрешно согорување, произведени помеѓу 2019 и 2021 година. Покрај тоа, во студијата за прв пат беа вклучени и електричните возила на две тркала, поточно Е-скутер, два лесни мотоцикли и еден електричен мотоцикл.
Студијата покажа дека магнетните полиња во електричните возила не се посилни од оние во конвенционалните или хибридните автомобили. Иако во некои случаи беа забележани локално посилни полиња, не беа надминати границите кои може негативно да влијаат на здравјето. Највисоката вредност на едно магнетно поле е забележана кога хибридното возило било вклучено.
„Во некои случаи, беа забележани релативно силни магнетни полиња – локално и за краток временски период. Сепак, препорачаните гранични вредности за полињата што се појавуваат во телото беа исполнети во испитуваните сценарија, така што, според сегашните научни сознанија, не се очекуваат значителни здравствени ефекти“, рече Инге Паулини, претседател на BfS.
Анализата на мерењата и симулациите покажаа дека препорачаните гранични вредности за полињата индуцирани во телото се исполнети во сите испитувани сценарија.
Сепак, деталната анализа откри разлики: измерените вредности на магнетното поле варираат помеѓу различни возила, во самите возила (во зависност од локацијата) и во зависност од режимот на работа. Најсилните магнетни полиња најчесто се појавувале во пределот на стапалото пред седиштето, додека магнетните полиња во пределот на главата и торзото генерално биле ниски.
Не е воспоставена јасна врска помеѓу моќноста на моторот и магнетните полиња во електричните возила. Стилот на возење имаше поголемо влијание отколку само моќноста на моторот. При спортско возење со силно забрзување и сопирање, забележани се краткорочни посилни магнетни полиња отколку при умерено возење.
Студијата, според BfS, е најголемото и најдетално истражување досега за појавата на магнетни полиња во електричните возила. Собраните податоци се засноваат на систематски мерења на јачината на полето во тековните модели на возила одобрени за сообраќај во Германија, на тест ролери, затворена патека за тестирање и во реален сообраќај.