Првата дама на Украина: Од почетокот на војната го гледам мојот сопруг само на телевизија

од Nikola Popovski
375 прегледи

Првата дама на Украина изјави дека руските сили сакаат да „извршат геноцид“ и „да ги уништат Украинците“.

Во интервју за полскиот весник „Rzeczpospolita“, Олена Зеленска меѓу другото рече: „Она што го прават руските војници во Украина директно води до заклучок дека Русите се обидуваат целосно да ги уништат Украинците. Тоа е нивната вистинска цел“.

Зеленска појаснува дека нема да ги суди руските војници по нивните изјави, туку според нивните дела и ги советуваше сите да го прават истото.

„Да, убедена сум дека Русите сакаат да не уништат. Сакаат да извршат геноцид. И не е важно што велат, бидејќи нивните зборови не се совпаѓаат со нивните постапки“, продолжи таа.

Првата дама исто така рече дека војната во Украина не го променила нејзиниот сопруг, претседателот Володимир Зеленски, и дека тој отсекогаш бил „човек на кој можете да се потпрете“.

„Војната не го промени. Мора да разберете дека тој отсекогаш бил таков. Тој беше човек на кој можеше да сметаш. Човек кој никогаш нема да пропадне. Така ќе биде до крај“, рече Зеленска и додаде дека од почетокот на војната сопругот го гледа само на телевизија.

На прашањето што има да им каже на мајките на руските војници, таа рече: „Ништо. Немам што да им кажам. Ако ковчезите со телата не ги убедија дека нешто не е во ред, тогаш навистина немам што да им кажам“.

Слични содржини