Првата дама на Украина Олена Зеленска изјави дека верува оти Русија има намера да ја уништи нејзината земја.
Во интервју за полскиот весник „Ржечпосполита“, Зеленска ги откри длабоките потреси што конфликтот ги предизвикал кај нејзиното семејство и сограѓаните. Таа истакна дека „инвазијата на Украина целосно наруши сè, вклучително и нашите животи“.
Таа изјавила дека нејзиниот сопруг, украинскиот претседател Владимир Зеленски, од почетокот на војната се преселил во неговата канцеларија во Киев, додека таа останала со нивните деца, пренесува Си-Ен-Ен.
„Во војната нема слободни денови и слободно време. Често не се знае кој ден во неделата е. Има само она што е денес, што треба да се направи“, рече таа.
Запрашана дали војната го променила нејзиниот сопруг, таа рече: „Поради некоја причина, често го слушам ова прашање. Но војната не го промени“.
“Треба да разберете дека тој отсекогаш бил таков. Тој беше човек на кој можете да се потпрете. Човек кој никогаш нема да пропадне. Сега целиот свет го гледа она што можеби на сите претходно не им било јасно”, додала таа.
На прашањето што мисли дека рускиот претседател Владимир Путин сака да постигне во Украина, Зеленска рече дека пораката на Русија се развива и дека тоа „води до заклучок дека нивните планови постојано се менуваат или не функционираат логично“.
„Но, не зависи од мене да судам со изјави, туку со дела. Она што го прават руските војници во Украина директно води до заклучокот дека Русите се обидуваат да ги уништат Украинците“, рече Зеленска.
„Овој заклучок ми доаѓа на ум кога го гледам уништувањето на Мариупол, од каде не беше дозволена безбедна евакуација на хуманитарните коридори, кога гледам бомбардирање на станбени згради во Харков, Чернигов, Одеса, железничката станица Краматорск, уништени од руски проектили, убивајќи повеќе од 50 луѓе кои се обидуваа да заминат“, изјави првата дама на Украина.
Таа посочи дека истиот заклучок е донесен по воените злосторства извршени од Русите во регионот на Киев, „каде што продолжуваме да откриваме масовни гробници на убиени, егзекутирани цивили, жени и деца“, рече таа.
„Да, убедена сум дека Русите сакаат да не уништат и дека тоа што го прават е геноцид. И не е важно што велат, бидејќи нивните зборови не се совпаѓаат со нивните дела“, заклучила првата дама на Украина.