Првата група авганистански бегалци пристигна на аеродромот во Приштина од германската база Рамштајн.
Тие беа пречекани од највисоките претставници, косовскиот премиер Албин Курти и претседателот Вјоса Османи, како и американскиот амбасадор во Косово Филип Коснет.
Првата група се состои од околу 111 бегалци, и тие ќе бидат сместени во кампот на американско-турската градежна компанија Бехтел Енка, која се наоѓа во близина на американската воена база Бондстил.
Станува збор за авганистански државјани кои работеле за НАТО во Авганистан.
„Чест ни е што имаме можност да им помогнеме на овие бегалци. Кога станува збор за нашите сојузници, тогаш прашањето не е зошто, туку само како можеме да помогнеме“, рече Курти.
Според најавите, Косово ќе обезбеди сместување за околу 2.000 авганистански војници, кои ќе бидат сместени во различни сместувачки центри.