Први откази во Хрватска поради ковид-потврдите: Не сакале ниту вакцина, ниту тест

од Nikola Popovski
620 прегледи

Четворица вработени во Центарот за рехабилитација „Станчиќ“ во Хрватска останале без работа бидејќи одбиле тестирање, што е услов за доаѓање на работа во системот за социјална заштита и здравствена заштита.

Ова се први откази поврзани со одлуката на Националниот центар за цивилна заштита, според која од 4 октомври сите вработени во здравствени и социјални установи по пристигнување на работа треба да достават дигитална ковид-потврда, со која ќе докажуваат дека се вакцинирани или го прележале коронавирусот.

Доколку немаат еден од тие два услови, должни се два пати неделно да се тестираат.

-Ова веќе месец дена го одбиваат логопед, психолог, дефектолог и еден вработен во техничкиот персонал, што ги чинело губење на работата, пишува „Јутарњи лист“.

Се огласило и тамошното Министерство за труд, наведувајќи дека четворицата вработени одбиле да постапат согласно протоколот за воведување посебна безбедносна мерка задолжително тестирање на сите вработени од областа на социјалната заштита.

Оттаму додаваат дека со оглед на тоа што не доставиле соодветни докази за вакцинација против Ковид-19 или претходно заразување, имале обврска да се тестираат, а одбиле, пренесува Јутарњи лист.

„Затоа на 8 октомври на работниците им е упатено писмено предупредување за прекршување на нивните работни обврски. Бидејќи работниците продолжиле да постапуваат спротивно на Одлуката, постапката за раскинување на договорот за вработување е започната во консултација со Работничкиот совет, кој дал согласност за планираните откази. Од денеска поради вакво однесување на работниците им е раскинат договорот за вработување“, велат од ресорното Министерство.

Слични содржини