Првиот човек на Алијансата се огласи за „влегувањето на Севернокорејците во војната со Украина“

од Илинка Илиоска
87 прегледи

НАТО не може „во оваа фаза“ да го потврди распоредувањето на севернокорејски војници во Русија, изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте.

„Во овој момент, нашиот официјален став е дека не можеме да ги потврдиме извештаите дека Севернокорејците се активно вклучени како војници во (руските) воени напори“, им рече Руте на новинарите во седиштето на алијансата, одговарајќи на прашања за тврдењата на јужнокорејското разузнавање.

Генералниот секретар на НАТО додаде дека оваа ситуација „се разбира, може да се промени“.

Јужнокорејската разузнавачка служба денеска објави дека Северна Кореја го распоредила првиот контингент од 1.500 војници во Владивосток, на рускиот Далечен Исток и планира да испрати дополнителни сили во Русија.

Врз основа на сателитски снимки, Јужна Кореја откри дека од 8 до 13 октомври севернокорејската војска распоредила специјални сили во Русија користејќи транспортен брод на руската морнарица.

Како што се наведува во соопштението на разузнавачката служба, тоа „го потврди почетокот на военото учество на Северна Кореја“.

Генералниот секретар на НАТО рече дека е во „близок контакт“ со азиските партнери на НАТО, вклучително и Јужна Кореја, која учествуваше на министерскиот состанок за одбрана на Алијансата во четвртокот.

Запрашан за тврдењата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека 10.000 севернокорејски војници се подготвуваат да се борат заедно со руските сили, Руте рече дека не може да ја потврди оваа информација.

„Северна Кореја сега е во коалицијата на криминалци со (рускиот претседател Владимир) Путин“, рече Зеленски претходно оваа недела, додавајќи дека рускиот претседател веќе има корист од помошта на Иран и Кина.

Слични содржини