Новиот лидер на авганистанските талибанци мула Ахтар Мансур го упати својот прв повик за единство на исламистичкото движење, соопштија светските агенции. “Сите треба да работиме за зачувување на единството . Поделбите во нашите редови ќе бидат од корист само на непријателите наши “, рече мула Мансур во 30-минутен аудиозапис
Тој вети дека ќе продолжи со крвавиот, речиси 14-годишен бунт, на талибанското движење по смртта на долгогодишниот лидер мула Омар. “Ќе ја употребам целата своја енергија да го следам мула Омар и неговата мисија”, рече Мансур.
Новиот талибански лидер се заколна да продолжи да се бори за управување со правилата на шеријатот. Во изјавата Мансур ги критикуваше убиствата на цивили: “Убиствата на невини луѓе во име на џихадот не е исламско. Треба да ги освоиме срцата на луѓето, а потоа можеме да ги управуваме “.
Мансур беше десна рака на мула Омар. Сепак, се чини дека талибанците не се согласуваат дали токму тој требаше да го предводи движењето. Некои команданти го посакуваа синот на мула Омар, Јакуб кој ја напуштил вчерашната средба во знак на протест против изборот на Мансур.
Според член на советот на талибанците, базиран во пакистанскиот град Кета, одлуката за изборот на Мансур е донесена по итност и неколку високи талибанци биле против.
Во записот Мансур зборува за мировните преговори, започнати во почетокот на јули со авганистанската влада, но од кажаното не станува јасно какви се неговите намери. “Непријателот вели дека се води мировен процес. Како што знаете, нашите непријатели прават многу пропаганда “, рече тој.
Манур соопшти дека еден од замениците му е Сираџудин Хакани – син на познатиот џихадист Џалалудин Хакани, основач на терористичката група Мрежа Хакани, која дејствува во Авганистан и Пакистан, за чија смрт пред една година беше соопштено вчера.
Вчера во Пакистан требаше да се одржи втор круг од преговорите за ставање крај на крвавиот конфликт,кој почна по падот на режимот на Талибанците во 2001 година но изненадувачката порака за смртта на мула Омар го натера Исламабад да ги одложи преговорите за неодредено време.
