Во Република Српска се регистрирани првите случаи на лептоспироза – заразна болест што ја пренесуваат глодарите, најчесто стаорци. Според Институтот за јавно здравје на Република Српска, досега потврдени се шест случаи на инфекција. Три лица заболеле во Бања Лука, а по еден случај е регистриран во Добој и во Фоча, пренесува порталот Klix.ba.
Лептоспирозата се пренесува преку контакт со контаминирана вода или храна, особено во области каде има зголемен број на глодари. Во Сараевскиот кантон е прогласена епидемија поради зголемувањето на бројот на заболени. Симптомите на лептоспирозата се треска, болки во мускулите, повраќање и жолтица. Во потешки случаи, болеста може да предизвика оштетување на бубрезите и на црниот дроб.
Здравствените власти апелираат до граѓаните да избегнуваат контакт со загадени површински води и барички, да одржуваат редовна лична хигиена и да носат заштитна обувка кога се наоѓаат на ризични места.