Актерот Крис Нот, во своето прво интервју по повеќекратните обвинувања за сексуална злоупотреба, ги негираше обвинувањата и рече дека сите негови вонбрачни афери биле консензуални.
Кариерата на 68-годишниот Нот, кој публиката го памети како Mr. Big од серијата и филмовите „Сексот и градот“, поради споменатите обвинувања е ставена „во мирување“, а тој за USA Today изјави дека во тоа време „се отуѓил од сопругата, што за неа било болно и не давало добра слика“, но додал и дека „тоа не е кривично дело“.
„Одеднаш, многу луѓе сакаат да имаат секс со вас. Мислите дека би било штета да пропуштите. Се правдате, како и многу мажи: Тоа е само мал танц на страна и забавно е, нема да повреди некого, бидејќи никој нема да дознае за тоа“, изјави тој.
Четири жени го обвинија за сексуална злоупотреба
Да потсетиме, четири жени го обвинија Нот за сексуална злоупотреба. Последна со обвинение против актерот се огласи кантавторката Лиза Џентил, која рече дека актерот насилно ја бакнал и допирал во нејзиниот стан во Њујорк.
Таа тврди дека инцидентот се случил откако го запознала актерот во ресторанот Да Марино во центарот на Менхетен, каде друга жена тврдела дека Нот ја нападнал. Џентил рече дека го познавала актерот од 1998 година, а инцидентот се случил во 2002 година.
Наведува дека Нот ја возел дома и побарал да го види нејзиниот стан. Таа тврди дека потоа ја турнал, ја бакнал против нејзина волја и ја допирал за градите.
„Се плашев да се изјаснам за ова поради моќта на Нот и неговите закани дека ќе ми ја уништи кариерата“, открила Џентил на прашањето зошто не се огласила порано.