Пет години се кршат колективни договори и закони, пет години барањата за подобрување на состојбата на работникот во државата сè уште се непорменети, порачаа претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на протесниот марш кој под мотото „За правда, за еднаквост“ се одржа денеска во Скопје.
Маршот започна пред седиштето на КСС, а заврши пред Влада, од каде синдикалните претставници се обратија пред властите.
Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделковски посочи дека состојбата на работниците во државава и понатаму е непроменета.
– Изминатите години искажуваме какви се реалните состојби во државата во однос на работничките права и кршењето на закони и колективните договори. Не се согласуваме „ќебапче за работникот, бифтек за власта“, тоа ниту е правда, ниту е правичност, ниту еднаквост, се ќе сториме да ја доведеме правдата во Македонија, правдата во однос на социјалниот дијалог, партнерство и почитување на работничките права. Исто и за правото за пристоен живот, тоа одамна го кажавме, а се уште кубуриме. „Без социјална правда нема социјален мир“ овој слоган го изнесовме пред неколку години на улица и кажавме дека нема да има социјален мир, додека нема социјална правда. Токму затоа и денеска сме тука не само поради симболичниот ден 1 Мај, туку да искажеме и дека доколку и понатаму нема социјална правда ќе нема ни социјален мир, порача Неделковски.
Тој додаде дека доколку работниците не добијат пристојна плата, работа и пристоен живот, во иднина ќе се води пожестока борба.
Неделковски изрази разочарување од сите оние работници кои наместо на протест, решиле да го искористат продолжениот викенд.
– Да, за пристојна плата, да, за пристојна работа, да, за пристоен живот. За тоа сме денеска овде, тоа денеска го немаме и од утре па натаму ќе го бараме се пожестоко и пожестоко. Под знак наводник ќе ги поздравам сите оние кои зад тастатурата знаат да бидат многу храбри и да кажуваат како се бараат работничките права и ќе им порачам, нека продолжат така и нивните права никогаш нема да дојдат. Ќе ги поздравам и сите оние кои имаат продолжен викенд, за жал викендот им е поважен отколку еднаш во годината да сторат нешто за нив и за семејствата, рече тој.
Претседателот на Синдикатот на станбено-деловни, комунални и водостопански организации, (ССКО), Зоран Антовски ги повтори претходно искажаните барања и го посочи зголемувањето на платите на функционерите како разочарувачки чин.
– Бараме почитување на работникот и неговиот труд, бараме реален социјален дијалог, бараме зголемување на платите согласно законот за минимална плата, бараме К- 15 согласно стандардите, бараме почитување и спроведување на сите колективни договори и сите права согласно законите. Само да потсетам дека за жал господата функционери си ја зголемија платата, додека работникот го ставија на простачки стап, реагираме бурно 5 години и веќе ја претераа, изјави Антовски.
Претседателот на Синдикатот на полицијата во Македонија, Орце Коцевски рече дека доколку не биле заканите и притисоците врз вработените во МВР, на протестот ќе имало многу повеќе присутни.
– Тука помеѓу нас гледам и вработени во МВР и ви се поклонувам, бидејќи и покрај сите притисоци и заплашувања денеска заедно го кренавме својот глас. Ќе не имаше повеќе да не беа секојдневните притисоци и закани, да не се излезе на овој протест. Правевте притисоци, малтретиравте, вознемирувавте, незаконски распоредувавте, суспендиравте, потпишавте стотици законски решенија, неосновано казнувавте празнично, симнувавте степени подолу, дававте незаконски наредби, се мешате во независноста на синдикатите, малтретирате синдикални претставници, но не успевате да не замолчите. Во услови кога некој протестира, а некој прави скара и ужива во дневници, хонорари, додатоци, срам ми е да кажам и да признаам дека едно време ценетата и добро вреднувана професија – полицаец, веќе не е тоа што беше, посочи Коцевски.
Тој додаде дека како резултат на незадоволство, полициски службеници ја напуштале работата и си заминувале од државата.
На протестот беше порачано дека работниците се соочуваат со неправди незамисливи за 21 век и дека борбата за правата на работникот ќе продолжи и во иднина.
Со барања за зголемени и достоинствени плати за работниците, пристојно работно време и почитување на колективните договори, денеска под мотото „Работниците се државата“, протест одржа и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).