Првото интервју на Трамп по атентатот откри што му го спасило животот: Да не го направев тоа, сега немаше да разговараме

од Илинка Илиоска
64 прегледи

Поранешниот американски претседател и актуелен републикански кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп го даде првото интервју по обидот за атентат врз него.

Во ексклузивното интервју за Washington Examiner, Трамп рече дека сака да го искористи историскиот момент за да ја обедини земјата.

„Говорот што требаше да го одржам во четврток ќе биде импресивен“, рече тој и додаде „Да не се случеше ова, ова ќе беше еден од најневеројатните говори. Искрено, сега ќе биде сосема поинаков говор“.

Имено, Трамп пред нападот планираше говор кој требаше да биде фокусиран главно на политиките на актуелниот претседател Џо Бајден.

Трамп смета дека нападот во саботата ја променил изборната кампања, што го признаваат и републиканците и демократите. Тој изјави дека по нападот го повикале луѓе од целата земја кои доаѓаат од различни сфери на животот и имаат различни политички ставови.

Тој истакна како се спасил од смртта со тоа што се оддалечил од толпата за да погледне во екранот на кој се прикажуваат податоците што ги користел во својот говор.

„Ретко го тргам погледот од толпата. Да не го направев тоа во тој момент, немаше да разговараме денес, нели?“, рече Трамп.

Трамп го имаше интервјуто додека беше на пат за Милвоки, каде од понеделник до четврток се одржува Националната конвенција на Републиканците.

„Ова е шанса да ја зближиме земјата. Ми беше дадена таа можност“, рече поранешниот претседател.

Трамп во неделата наутро на социјалната мрежа Вистина објави дека „само Бог спречил да се случи незамисливото“ и дека „нема да се плаши“.

Во интервју за Washington Examiner, тој се повика на Бог и изјави дека поради него е спасен.

„Ова е можност да се собере целата земја, дури и целиот свет. Говорот ќе биде многу поинаков, многу поинаков отколку што би бил пред два дена“, рече тој.

Трамп ја објасни сега веќе легендарната фотографија која очигледно ќе ги одбележи изборите.

Според него, тој ја кренал раката додека Тајната служба го одвела од бината за да им каже на луѓето таму дека е добро.

„И за Америка да оди напред, ние одиме напред, за да бидеме силни“, рече тој.

Си-Ен-Ен објави дека Трамп вчера бил подложен на превентивна томографија по пукањето.

Претседателот Џо Бајден двапати и се обрати на нацијата, повикувајќи на единство и осудувајќи го пукањето.

Слични содржини