Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ првпат во еден ден се изведени две хируршки интервенции за вградување на кохлеарен имплант или вештачко уво, софистициран електронски уред кај пациент со вродена глувост и пациент со длабоко оштетување на слухот. Д-р Македонка Гарванлиева-Николовa, специјалист по оториноларингологија, која ги изведе двете хируршки операции, вели дека со вградувањето на овие кохлеарни импланти на пациентите им се враќа способноста повторно да слушаат, децата учат да зборуваат и да живеат нормален живот без пречки.
„Кохлеарната имплантација е наменета за деца и возрасни коишто спаѓаат во категоријата тешко губење на слухот или глувост. Ние извршивме две имплантации, едната кај тригодишно дете родено без слух, односно со прелингвална глувост, така што со вградувањето на овој имплант ќе се стимулираат аудитивните патишта со цел да се научи мозокот да слуша. Рехабилитацијата е од клучно значење и на оваа пациентка ѝ претстои долг период на адаптација и постојана работа со логопед бидејќи прво треба да научи да слуша, а потоа и да зборува. Кај вториот пациент, жена на 55-годишна возраст имаме прогресивно намалување на слух на левото уво, а десното уво е со целосна глувост поради примање на зрачна терапија (Gamma Knife Therapy) за третман на шваном на вестибуларниот нерв. Кај неа вградивме имплант во левото уво и по вклучување на процесорот, очекуваме постепена адаптација и враќање на слухот“, вели д-р Гарванлиева-Николова.
Операциите за вградување на кохлеарен имплант траеја два часа, под општа анестезија од страна на анестезиолошкиот тим, предводен од д-р Роберт Домазетов, специјалист по анестезиологија со реаниматологија и анестетичар Роска Конеска.
„Се прави мал засек, во просек долг околу 3 см, зад увото. Потоа се создава суппериостален џеб во кој подоцна ќе се вметне приемникот од внатрешниот дел на уредот. Електродата се пласира во внатрешното уво за да ги стимулира нервните завршетоци од слушниот нерв. Пред да се затвори засекот, треба да се изврши електрофизиолошка студија, односно тестирање за да се потврдат функционалноста на уредот и правилното позиционирање на електродата. Овие пациенти се отпуштаат од болница по 2-3 дена, а уредот се активира по 4-6 недели по операцијата“, вели д-р Гарванлиева-Николова.
Во овој период гости во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ беа: врвниот хирург, проф. д-р Драган Данкуц од Нови Сад, водечки стручњак од областа на оториноларингологијата, пионер во имплантација на кохлеарни импланти и електроинженер Владимир Мрџанов, одговорен за интраоперативни мерења и понесување процесори кај импланти, со кои тимот оториноларинголози од болницата размени искуства и знаења за ваквиот тип интервенции.
Кај двата случаја беа вградени модели на импланти од Cochlear LTD, австралиска компанија која е најголемиот и најпознат светски производител на кохлеарни импланти, кои се имплантираат кај деца и возрасни.
Мултидисциплинарниот пристап кај децата е клучен за навремено откривање и најдобри резултати
Бројни студии покажуваат дека при овој тип имплантација возраста е најважниот фактор за успех и рехабилитација. Со навремено дијагностицирање и поставување на кохлеарен имплант кај децата со прелингвална загуба на слух на возраст од околу 1 година, се очекуваат најдобри резултати од рехабилитацијата.
Во Клиничката болница „Аџибадем Систина“ скринингот за проценка на слух кај новородените е дел од стандардната практика и се прави во првите денови од раѓање додека новороденчето е во породилиштето. Аудиолошките скрининзи кај бебињата родени во термин ги прави проф. д-р Анета Демерџиева, специјалист по педијатрија, а кај предвремено родените ги прави д-р Радица Муратовска-Делимитова, специјалист по педијатрија. Проф. д-р Анета Демерџиева вели дека овој скрининг се прави заради откривање на евентуално постоење на ризик од оштетување на слухот кај новороденото дете и негово навремено упатување на понатамошна дијагностичка евалуација во аудиолошки центар. Дел од тимот што има важна улога во предоперативниот и постоперативниот период кај педијатриските пациенти, кои обезбедуваат поширока слика за напредокот во развојот на слухот кај пациентите, се и невролозите д-р мед. науки Наталија Ангелкова и д-р Оливера Лековска.
„Рехабилитацијата е најважниот чекор во целиот овој процес. Пациентите пристапуваат кон откривање на звуци, потоа учат да разликуваат поединечни звуци, да препознаваат и идентификуваат звуци и да го именуваат она што го слушаат. Затоа треба да се направи разлика помеѓу кохлеарен имплант и слушен апарат, бидејќи со слушен апарат звуците само се засилуваат, додека со имплант е сосема нов вид звук чие значење допрва треба да се осознае“, објаснува д-р Гарванлиева-Николова.