Пржино ќе не пржи!?

од Vladimir Zorba
167 прегледи

Сите диктатури функционирале со помош на силна пропагандна машинерија. Диктаторот на Зимбабве Мугабе во медиумите се прикажувал како “многу чесен човек“, а истиот присвоил неколку милјарди долари.

мерсел

Узбекистанскиот диктатор Ислам Каримов, кого медиумите го прикажувале како “човек од народот“, присвоил астрономска сума пари, па воопшто не му било проблем на ќерката да и купи куќа во Беверли Хилс во вредност од 58 милиони долари.
Габонскиот диктатор Али Бонго Ондимба, кој дури се сликал додека наводно работел и физички, оти имал “работничка душа“, присвоил преку милјарда долари, така што ситница било во елитниот дел на Париз да купи куќа со астрономска вредност од 158 милиони долари.
Башар Ел Асад, кого медиумите го опишувале како “човек што дише со народот“, и дека “се молел“ секој ден на Алах за доброто на својот народ, зграпчил дури повеќе од половината од севкупното сириско богатство (само во Русија и Хонгког има над 1,5 милјади долари). Сега и по 300 илјади жртви, пак не ја дава власта.

Сите тие се служеле со сатанизирање на нивните противници, со прогласување на странски шпиуни, за предавници во служба на мрачни сили итн. Скоро ниеден од нив не паднал по демократски пат.
По нивното паѓање или умирање, луѓето корнеле коси, се удирале со главата во ѕид за тоа кому толку многу му верувале!
Во Кореја, суровата пропаганда отиде до таму што кога починал претходниот лидер Ким Јонг-ил (синот на Ким Ил-сунг), корејските медиуми известувале дека небото над регионот Паект станало сосема црвено, а мразот кај езерото Чон пукнал и одекнувал толку силно што се чуло и на небо и на земја. А земјата во економски пустош, глад и општ терор.

Но медиумите имаат магична моќ. Кога говорат таквите медиуми разумот молчи. Тоа ги тераат луѓето да живеат спротивно од вистината.

А кај нас, покрај бројните медиуми во служба на организираниот криминал, сепак бројни утописти во комодитет очекуваат дека нашата криминална власт демократски ќе си замине! А не ги гледаат медиумите кои цело време не убедуваат дека имаме најдобро и најчесно водство. Дека тие живеат “скромно“ во обични станчиња или одгледуваат овци и немаат причина да се борат за власт, туку се жртвуваат за наше добро. Така за наше добро испрале над пет милјарди евра. За наше добро потрошиле околу 700 милиони евра за “Скопје 2014“. Тука веќе стана подобро да си мртов споменик отколку жив човек!

Мислам дека треба ептен бујна фантазија за да поверувате во наша демократска разврска. Па зарем не гледаат дека и по договорот од Пржино сите сме на пат да се испржиме!? Па не гледаат што прават Сител, Канал5, Алфа, МТВ!? Клептомани спакувани во убава амбалажа ги прикажуваат како национални патриоти, а тие што бараат закон се предавници! Се е превртено. Сега стана глупаво да си чесен, а чест е да си глупав (ама богат со народни пари). Сега е имиџ да си криминалец и секој ти симнува капа. Имено, сега криминалците не можат слободно да се шетаат, оти имаат голема популарност. Сега стана демоде да си професионалец.

Сите ние знаеме дека никој нема да му даде на случаен минувач косата да му ја скрати. Ќе бара бербер. Никој не се согласува касап да го оперира. Ќе бара најдобра екипа. Ама многумина се согласни секакви ајдуци и незналици да ни ја водат економијата, да ни го кројат образованието, да ни ја градат културата, здравството, институциите и целата држава!!! Тоа е продукт од рентираните медиуми. Да ги чуеш бомбите и пак да веруваш во владина чесност е исто како да веруваш дека по јавните куќи има само невини. Но, таму кај што се создаваат многу слепи луѓе се создаваат и многу лажни виновници.

Неодамно се случи катастрофа во Тетово и околината. Владините медиуми го прикажуваа како природна или Божја несреќа! Демек, Господ ти бил виновен, а заборавиле дека цело време коалицирале со ѓаволот. Дале масовно да се исечат дрвјата, каналите да се затрупаат со отпадоци, стеснување и узурпирање на површини, со години  неисчистени канали. Па не можете да очекувале Божја љубов, а да флертувате со ѓаволот. Со само десет проценти од “Скопје 2014“ целата држава ќе беше заштитена од поплавите, дури ќе имавме акумулации за наводнување.

Но, да се вратиме на Пржино. Со право многу познавачи се песимисти. И по спогодбата, владината пропагадна машинерија работи со полна пареа. Лаже, манипулира, злоупотребува, шири омраза, сатанизира, крши закони. Поддржува поткупување на граѓани со нивни пари. А Пржино ништо прецизно не кажа за овај проблем, а се работи за главен столб што го држи режимот. Кога меѓународната заедница направи таква недефинирана спогодба во име на стабилноста, тогаш сериозно го потценила тој слој што бара ред и нормалност, а кому му е преку глава од овој режим и секоја евентуална манипулација со правниот исход на криминалите, ќе резултира со дестабилизација. Мирот ќе се загрози само ако се спаси ваквиот режим.

Од почеток сум бил на став дека диктатурите не паѓаат на мирен начин. Опозицијата направи круцијална грешка што не го прегази режимот додека на своја страна ги имаше студентите, учениците, стечајците, хонорарците. Ете наводно не сакала да ги партизира, а требаше само да ги спаси.

Спасот беше во уривањето на ваквата власта и да се составеше неутрална експертска влада. Ама ете не сакале по “нелегален“пат иако целата оваа структура функционира нелегално. Зарем постои легален грабеж? Зарем е законски да ги прекршувате сите процедури при избор и назначување на кадри? Зарем е законски да плаќате луѓе што седат дома? Зарем се законски бројните криминали во секоја сфера, вклучувајќи ги и медиумите? Законски ли е за судии да назначите луѓе кои не се кадар ни за портири? Да назначите такви обвинители што функционираат со далечински управувачи? Оттука е сосема легитимно да се урива таквата власт. Дури тоа е граѓанска должност.

Договорот од Пржино е добар за нормални луѓе ама ние не сме такви. Сите организациони и функционални точки околу владата ќе бидат неефикасни.

Единствена мала светла точка тука е специјалниот јавен обвинител. Но, и тука изгледа ќе има проблеми. Прво,тешко е можно тука внатре да најдете таков “последен будала“ што ќе прифати таква опасна функција. За да се справите со ваков обемен криминал ви треба цел Пентагон. Второ, ако сепак се најде “некој будала“ кој ќе почне да чепка по вистината, веднаш ќе му се нафрлат сите провладини загари, прогласувајќи го за соработник на опозицијата и странските служби. Ќе му копаат по дедото и прадедото, кој и што бил со цел да го оцрнат и дискредитираат. Обвинител странец со своја екипа е пореален избор, но секако дека медиумите треба да се стават во некаков колосек.

Како и да е, зимата се очекува да биде пожешка од летото. Воопште нема да биде лесна битката со вакви патолошки крадци. Времето е пропуштено. А крајно време е меѓународната заедница да не ја преценува силата на диктатурата. Диктатурите во основа се многу слаби и лесно паѓаат. Тогаш многу луѓе ќе корнат коси. Кому му верувале и што ги снашол.

 Мерсел Билали

Либертас