Пустошот кои се вгнезди во срцата по страотната трагедија во која загинаа 59-мина млади луѓе, остави длабоки рани кај сите во земјава, особено жителите на Кочани. По првичниот шок, следуваат долги денови на тагување, но и барање одговори. На многумина како никогаш досега им е потребна психолошка поддршка за прифаќање на состојбата и продолжување на понатамошните животни активности, согласни психолозите. Дел од експертите истакнуваат дека во вакви случаи на трагедии важно е да се обрне внимание на психолошките последици кај сите инволвирани страни и драго им е што кај нас тоа го гледаме. Според Елена Кабранова, колегите – психолози и други лица несебично нудат помош и поддршка за менталното здравје на населението.
-Поддршка стигнува од сите страни и пораката за најпогодените е „Не сте сами“. Раните ќе ги залечиме со јакење на чувството на зедништво и безбедност. Во вакви моменти, важно е да бидеме трпеливи и да им понудиме емоционална поддршка на погодените. Споделувањето на тагата, слушањето и присуството можат да бидат од голема помош за оние кои се соочуваат со загуба, вели психологот во разговор за „Локално“.
Исто така, додава соговорничката, важно е овие луѓе како и општеството во целина да добие правда. Оваа трагедија не смее да остане само тажна приказна, како многу претходни досега, туку да биде поттик за преиспитување и промена. Оваа загуба не смее да биде залудна.

Елена Кабранова
-Треба да се запрашаме: Каде згрешивме? Како институциите ја вршат својата работа? Како јас како граѓанин можам да бидам поодговорен и да ги почитувам законите, правилата и процедурите? Суштински промени, одговарање за сторените повреди на законот, поголема свесност за одговорноста на поединецот може да придонесат во залечување на тежината која сите ја носиме, наведува психологот.
Според Кабранова, реално е да се очекува дека општеството долго време ќе биде во шок и неверување, тага, лутина, обвинување итн.
-Секој на различен начин ќе го минува процесот на тагувањето. Но, прашањето е – дали ќе дојдеме до фаза на вистинска промена? Ако колективната тага и бес се насочат конструктивно – кон промена, барање отчетност, создавање подобро општество – тогаш нема да заглавиме во „ депресија“. Нека оваа болка се претвори во акција наместо во уште едно разочарување, истакнува психологот и ТА практичар.
Во однос на комуникацијата дали треба да се избегнуваат фразите од типот „времето лечи сè“ или „барем не се мачеше“ и кои се нејзините препораки, Кабранова објаснува дека ваквите пораки му даваат на знаење на соговорникот дека болката не му е уважена, додека една од фундаменталните потреби на човекот е некој да посведочи за неговата болка и барем да се обиде да ја разбере.
-Не верувам дека моментално некој може да разбере како тие луѓе кои многу загубија се чувствуваат, но можеме да останеме присутни и да ги слушаме додека ја раскажуваат својата приказна. Можеби е вистина дека времето лечи, но вакви изјави на утеха нема да помогнат во овие моменти и дури може да звучат нечувствително. Наместо тоа можеме да кажеме „ Тука сум ако сакаш да зборуваш“ , „Жалам што поминуваш низ ова“, „Сакам да знаеш дека ни си сам/ сама“, заклучува психологот.
Ивана Велевска Блажевска, училишен лиценциран психолог и психотерапевт под супервизија за „Локално“ објаснува дека уште од понеделникот одреден број на психолози во соработка со Црвениот крст се екипирани во Кочани и Штип. Веќе од следната недела тимовите ќе бидат засилени.
-Но, улогата на психолозите во моментов не е да се обидуваат да ги залечат раните, премногу е брзо за да се зборува за тоа. Нашата важност таму е да дадеме прва психолошка поддршка во фазата на шок која сеуште трае и да помогнеме да започне процесот на тагување, со тоа што ќе бидеме емотивно достапни и ќе дозволиме семејствата и младите да ја изразат својата болка, посочува соговорничката.
После ваква голема трагедија во која само во еден ден згаснаа толку многу млади животи, додава таа, сигурна сум дека целото општество ќе биде засегнато, а и веќе е.

Ивана Велевска
-Овој немил настан останува врежан речиси во секој поединец и кај секого може да предизвика различни психолошки промени. За безбедно и успешно да се надмине пред се е потребно да се слушне гласот на најзасегнатите е, да им се даде поддршка, но и и да се потрудиме секогаш да бидат задоволени потребите за поврзаност и припадност, бидејки за жал на тоа во последно време многу се заборава, со тоа што се отуѓивме едни од други. Сега е време да се покаже дека сме луѓе, да почувствуваме меѓусебен допир а не само лизгање со прсти по екраните, вистински да си даваме поддршка и да си размениме убави зборови, а не само со коментари по социјалните мрежи, објаснува Велевска Блажевска.
Според неа, важно е да се направат многу реформи во системот во кои луѓето за жал изгубиле доверба.
-Потребно е институционално здружување, вмрежување на различни професии, исполнување на ветувања и колективно освестување дека заедно сме посилни и со поставување заедничка цел може да се движиме напред, Иако сенките на загубените млади животи секогаш верно ке не следат, само заеднички кога ке постигнеме правда, промена и безбедност, ке може храбро да погледнеме во нив.
Во комуникација со засегнатите не се препорачува да се користат термините дека „времето лечи се“ или „се ке биде во ред“ бидејки да бидеме искрени во овој момент никој не верува во тоа и не знае како ке се одвиваат работите,. Најважно е да покажеме емпатија и разбирање кон настраданите, да им помогнеме да бидат во контакт со реалноста и да им дадеме до знаење дека сме тука за нив на начин на кои тие ке изберат (да седиме заедно и да ја делиме тишината или само да слушаме додека тие зборуваат….итн.), нагласува психологот.
Психолошката помош која ќе ја добиваат погодените од несреќата, веќе функционира во училиштата во Кочани и на универзитетот во Штип. Освен оние во мрежата од 100 училишни психолози со помош на УНИЦЕФ, Институтот за психологија и од Комората на психолози како и клинички психијатри, на веб-страницата на министерството стојат телефонските броеви на 40 психолози кои се на располагање во секое време.
Н.П.