Психосоцијалните ризици на работното место причинуваат илјадници смртни случаи и милијарди евра загуби во ЕУ

од Марта Пешевска
28 прегледи

Психосоцијалните ризици, како што се стресот, предолгото работно време, несигурноста на работното место и мобингот, се одговорни за илјадници смртни случаи и милиони евра загуби во Европската унија, според новата студија на Европскиот институт за синдикати (ETUI). Само депресијата поврзана со работното место сочинува повеќе од 80% од вкупните трошоци, кои најчесто ги сносат работодавците преку намалена продуктивност и отсуство од работа.

Студијата, објавена во понеделникот, проценува дека депресијата поврзана со работното место ја чини Европската унија повеќе од 100 милијарди евра годишно. Ова истражување ги разгледува трошоците од кардиоваскуларните заболувања и депресивните нарушувања кои се поврзани со пет клучни психосоцијални ризици на работното место, меѓу кои се хроничен стрес, предолги работни часови, несигурност на работното место, нерамнотежа помеѓу напорот и наградата, како и малтретирање.

„Околу 6.000 смртни случаи поради коронарна срцева болест може да се припишат на изложеност на психосоцијални ризици, додека повеќе од 5.000 смртни случаи се должат на самоубиства предизвикани од депресија“, изјави Соња Наврока, истражувач во ETUI. Повеќе од 400.000 години живот биле изгубени поради срцеви заболувања и депресија, како што се наведува во извештајот, кој истакнува дека овие се смртни случаи што можеле да се спречат.

„8% од случаите на кардиоваскуларни заболувања и дури 23% од случаите на депресија можат директно да се поврзат со психосоцијалните ризици на работното место“, предупредува Димитра Теодори, раководител на секторот за здравје и безбедност во ETUI.

Според истражувањето, депресијата има огромни економски последици и најголемиот финансиски товар го носат работодавците, особено преку намалена продуктивност и отсуство од работа. Иако трошоците се поделени помеѓу работниците и работодавците, најголемото оптоварување го сносат вработените.

Феноменот на презентизам, кога работниците се присутни на работа иако се болни, особено кога станува збор за ментално здравје, но не се во можност да ја извршуваат својата работа ефективно, исто така е значаен проблем. Европскиот институт за синдикати ги повикува европските власти да предложат нови законски мерки за спречување на ментални болести на работното место, нагласувајќи дека превентивните мерки мора да бидат прилагодени на специфичните потреби на работниците и работните места. Се очекува нова анализа на состојбите на работното место оваа година, по што ETUI планира да продолжи со истражувањата и споредбата на трендовите во ризиците поврзани со здравјето при работа.

Слични содржини