Пуч во Нигер: Суспендирани сите активности на политичките партии

од Stefanija Kuzmanovska
220 прегледи

Во Нигер сите активности на политичките партии се суспендирани до понатамошно известување, објави денеска на државната телевизија воениот полковник Амаду Абдрамане.

Војската команда на Нигер претходно објави дека го поддржува пучот што претходниот ден го извршија членови на претседателската гарда и истакна дека нејзин приоритет е да се избегне дестабилизација на земјата.

Војската мораше да го „зачува физичкиот интегритет“ на претседателот и неговото семејство и да избегне „смртоносна конфронтација што може да предизвика крвопролевање и да влијае на безбедноста на населението“, се вели во военото соопштение, пренесе „Ројтерс“.

Претседателот на Нигер Мохамед Базум и министерот за надворешни работи Хадуми Масуд претходно ги повикаа демократските сили на земјата да се спротивстават на преземањето.

Претставници на армијата на Нигер синоќа објавија дека претседателот на земјата е сменет од власт и дека границите на земјата се затворени.

Во изјавата што ја емитуваше државната национална телевизија, тие дадоа гаранции за личен имунитет на владините претставници на соборениот претседател.

Воените бунтовници објавија национален полициски час од 19 часот до 5 часот наутро, а сите јавни институции во земјата беа суспендирани.

Ова е седми државен удар во земјите од Западна и Централна Африка од 2020 година.

Слични содржини