Израелската амбасада во Стокхолм е затворена по пукање во нејзина близина рано утринава, јавија локалните медиуми. Претставникот на шведската полиција Пер Фалстром за весникот „Екпресен“ изјави дека полициската патрола слушнала истрели во близина на израелската амбасада, за кои се сомневале дека се од огнено оружје.
Покрената е прелиминарна истрага, а Фалстром за медиумите изјавил дека се приведени неколку лица, без да даде повеќе детали, пишува „Тајмс оф Израел“. Меѓу приведените има и момче (14).
Фалстром не коментираше дали амбасадата била цел на пукањето.
Областа беше опколена веднаш по 02:00 часот, а полицискиот извештај објавен во 6:30 часот вели дека истрагата покажала дека имало истрели во областа.
Израелското Министерство за надворешни работи се уште не излезе со соопштение во врска со овој настан.