Рускиот претседател Владимир Путин денеска потпиша указ, со кој се предвидува исплата на пет милиони рубљи на семејствата на загинатите припадници на Националната гарда на Русија (Росгардија) во Украина и Сирија, пренесува агенцијата Хина.
Со указот, Путин официјално призна дека меѓу загинатите во агресијата против Украина, која Москва ја опишува како специјална воена операција, има и членови на Росгардија. Станува збор за формација која е директно одговорна пред Путин, а е основана во 2016 година за борба против тероризмот и организираниот криминал. Главно се користеше порано за сузбивање на антивладините протести.
Претходно Путин објави шеми за обештетување на семејствата на загинатите и ранетите војници. На 25 март Русија последен пат го објави официјалниот број на загинати руски војници во Украина.
Москва тогаш објави дека 1.351 руски војник биле убиени, а 3.825 биле ранети. Украинската и западните влади веруваат дека тој број е многукратно поголем.