Економските односи меѓу Русија и Унгарија се во фокусот на разговорите меѓу Владимир Путин и Виктор Орбан во Будимпешта. И Москва може да ги користи економските лостови како средство за притисок.

При денешната посета на Владимир Путин во Будимпешта многу Унгарци сигурно ќе се сетат за старата народна песна: “Убав е само оној кој има сини очи”. Московскиот гостин со студено сините очи ќе се обиде да ги убеди Унгарците дека тој е “најдобар” и “најубав”. Путин, сепак, нема зошто да го убедува и премиерот Виктор Орбан, кој веќе неколкупати го посочувал рускиот претседател за свој политички пример. И сепак Орбан треба да внимава. Јавна тајна е дека рускиот претседател ќе сака да ги врзе разговорите за нови гасни испораки со поволни цени со поддршка на Орбан за политиката во Источна Украина. Унгарскиот премиер, кој е противник на европските санкции против Москва, не треба сепак да подлива вода во ЕУ. За време на изненадната посета на Будимпешта во почетокот на февруари Ангела Меркел категорично го предупреди да се бранат демократските вредности и да не ја доведува во прашање политиката на ЕУ.
Спорната политика спрема Русија
Вербална размена на удари меѓу Меркел и Орбан две недели пред посетата на Путин во Будимпешта е очигледно доказ дека во ЕУ има сериозно несогласување со политиката на Виктор Орбан кон Русија. Уште една причина Путин да гледа на Унгарија како потенцијален сојузник. Добрите односи меѓу Виктор Орбан и Владимир Путин одамна се трн во очите на ЕУ. Унгарските активисти продискутираа за “путинизирането” на политиката, зајакнато од сфаќањето на Орбан за нова “либерална” демократија со проруски политички курс. Може ли сепак Орбан да биде окарактеризиран како втор Путин?

Орбан држи на Запад
Политикологот Каи-Олаф Ланг од фондацијата “Наука и политика” ја смета оваа споредба за несоодветна. “И кај Орбан, како и кај Путин се забележува настапи за стремеж кон власт”, вели тој во разговор со Дојче веле. Предводените влади од Орбан од 2010 година наваму водат политика на концентрација на власта и се стремат да ги потиснуваат независните и критички сили во земјата. Орбан се допаѓа во улога на политичар кој ги става под прашање утврдените западни вредности. Но за разлика од Путин, Орбан ја согледува “идејата за демократски промени”, вели Каи-Олаф Ланг.
Унгарскиот социолог Пал Тамаш исто така гледа јасни разлики меѓу двајцата политичари. “Она што ги обединува е антипатијата спрема западниот либерализам, карактеристичен за Европа од падот на Железната завеса наваму”, вели социологот. За разлика од Путин сепак, Орбан очигледно држи кон Западот, смета тој. Според политикологот Каи-Олаф Ланг, со “отворање на Исток” Орбан се обидува да извлече економски дивиденди и да ја зајакне политичката тежина, и склучува договори и со авторитарни режими. Орбан сака да ја задржи Унгарија приврзана кон Западот, но истовремено и да го промени Западот или “барем да создаде предуслови Унгарија да оди по свој пат во ЕУ и НАТО”, смета Каи-Олаф Ланг.
Енергетска зависност
Русија е важен, но не и најголем економски партнер на Унгарија. Едвај три проценти од унгарскиот извоз се насочени кон рускиот пазар. Русија, сепак, останува главниот снабдувач на природен гас и нафта, а поради тоа може да се зборува за енергетската зависност на Будимпешта од Москва. И Русија ќе се обиде да си создаде нови “економски премостувања”, а го прави тоа и во други земји од Централна и Источна Европа, смета Каи-Олаф Ланг. Во разговорите меѓу Орбан и Путин станува збор не само за амбициите за изградба на нова нуклеарна централа во Пакш, која треба да биде финансирана со руски кредити, туку и за цените на бензинот. Сегашниот договор за гас со “Газпром” истекува во средината на 2015 година. Социологот Пал Тамаш нагласува дека Унгарија сепак е член на ЕУ и одржува прекрасни економски односи со Германија. 25 проценти од унгарскиот извоз се наменети за германскиот пазар. Но од чисто “прагматична гледна точка” земјата ќе се обиде да ја “игра својата улога и со Русија и со Кина, и со некои авторитарни режими на Исток”, вели тој.
Обезбедување од сите правци
Каи-Олаф Ланг смета дека Русија може да ја игра улогата на резервен партнер, во случај ако Унгарија западне во изолација. Разговорите во Будимпешта ќе покажат дали зајакнувањето на врските со Русија ќе ја зајакнат и позицијата на Виктор Орбан во ЕУ или – токму спротивното – ќе ја зголемат изолацијата од Унијата.