Путин до Ердоган: Русија е подготвена да овозможи извоз на жито од Украина

од Nikola Popovski
168 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин изјави денеска дека Русија е подготвена да овозможи непречен извоз на жита од украинските пристаништа во координација со Турција.

Русија и Украина заедно извезуваат 29 отсто од светските житни култури, најмногу преку Црното Море, како и 80 отсто од сончогледовото масло. Украина е исто така главен извозник на пченка.

Како што соопшти Кремљ по разговорите меѓу Путин и Реџеп Таип Ердоган, рускиот претседател во разговорот со турскиот колега повторил дека Русија може да извезува значителни количини ѓубрива и храна доколку бидат укинати санкциите против Москва.

„За време на дискусијата за ситуацијата во Украина, акцентот беше ставен на обезбедување безбедна пловидба во Црното и Азовското Море и елиминирање на заканата од мини во тие води“, соопшти Кремљ.

„Владимир Путин ја истакна подготвеноста на руската страна да овозможи непречен поморски транспорт на стоки во координација со турските партнери. Тоа се однесува и на извозот на жита од украинските пристаништа“, се додава во соопштението.

Војната во Украина го наруши пазарот на жито. Москва очекува рекорден принос годинава да биде извезен од руските пристаништа на Црното Море, додека армијата на земјата ги блокира украинските.