Рускиот претседател Владимир Путин им возврати на западните лидери кои го исмеваа неговиот мачо имиџ оваа недела, велејќи дека би било „одвратно“ некој да ги види нив соблечени.
Реакцијата на рускиот претседател дојде кога светските лидери на самитот на Г7 ја исмејуваа неговата склоност да позира без маица на фотографии.
Путин им порача дека мора да престанат да пијат алкохол и да се занимаваат повеќе со спорт.
Путин неколку пати беше прикажан во руските државни медиуми без маица додека јава коњ, носи ловечка пушка и за време на риболов.
Фотографиите се толкувани така што рускиот претседател сака да пренесе чувство на мажественост што им се допаѓа на многу Руси.
На самитот на Г7 во Германија претходно оваа недела, британскиот премиер Борис Џонсон го прозва, шегувајќи се дека лидерите треба да се соблекуваат за „да покажат дека се посилни од Путин“.
Британецот исто така им предложил на колегите „да ги покажат мускулите на градите“, додека канадскиот премиер Џастин Трудо предложил „да јаваат коњи без маици“.
Запрашан за коментар за време на прес-конференција во Туркменистан, Путин одговори: „Не знам дали сакаа да се соблекуваат до половината или под половината, но мислам дека тоа би било одвратна глетка во секој случај“.
Цитирајќи го рускиот поет Александар Пушкин, тој додаде: „Можете да бидете паметна личност и да размислувате за убавината на вашите нокти“.
„Секако дека се согласувам со ова – сè во човекот треба да биде хармонично развиено, и душата и телото“, продолжи тој.
„Меѓутоа, за да биде сè толку хармонично, треба да се откажете од злоупотребата на алкохол, другите лоши навики, да вежбате, да спортувате.
„Колегите што ги спомнавте, сите ги познавам лично – немаме најдобар однос во овој период, што е разбирливо. Но, сепак, сите тие се лидери, што значи дека имаат карактер. И ако сакаат, сигурно ќе го постигнат посакуваниот напредок. Значи, треба да работите на себе, а тоа што веќе зборуваат за тоа е добро, ќе ги пофалам за ова“, додаде тој.