Путин до учениците: Нема да можете да имате деца поради електронските цигари

од Milan1
42 прегледи

Рускиот претседател, Владимир Путин, ги предупреди учениците за опасностите од пушењето, посочувајќи дека електронските цигари му штетат на репродуктивното здравје и можат да доведат до неплодност.

„Потребно е да се разбере до што водат лошите навики. Многу луѓе, особено младите, не размислуваат за тоа. Се чини дека е модерно, дека е кул да се консумираат електронски цигари“, им рекол Путин на учениците во училиште во Кизил, град недалеку од руската граница со Монголија.

„Кај младите репродуктивната функција е намалена и кај момчињата и кај девојчињата, односно се намалува можноста за раѓање деца во иднина“, се обидел да им објасни Путин на насобраните ученици, пренесува „Политико“.

Рускиот лидер зборувал и за мотоциклите, опишувајќи ги како „нестабилно“ превозно средство.

„Заштедете за автомобил, подобро е за мама и тато“, им рекол тој на учениците. Путин советувал како дел од лекцијата со наслов „Разговор за важни работи“.

Путин не е единствениот кој неодамна се спротивстави на електронските цигари. Во Велика Британија, новата лабуристичка влада, исто така, најави дека ќе ги разгледа предлозите за ограничување на продажбата и снабдувањето со електронски цигари. Плановите се очекува да бидат обелоденети откако британските пратеници ќе се вратат од летниот распуст.

Слични содржини