„Путин е во најдобра форма досега. Сосема здрава, трезвена личност“

од Vladimir Zorba
195 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин е здрав и „во најдобра форма досега“, изјави белорускиот претседател Александар Лукашенко во интервју за јапонската телевизија ТБС. „Тој и јас не само што се сретнавме како шефови на држави, туку сме во пријателски односи“, изјави блискиот соработник на Путин.

„Апсолутно сум запознаен со сите детали, колку што е можно, државни и лични“, додаде тој.

Да потсетиме, двајцата претседатели се сретнаа во Москва минатата недела. Русија започна инвазија на Украина на 24 февруари од белоруска територија.

Лукашенко ја отфрла тезата дека способностите на Путин (69) не се на својот врв.
„Западот, а и вие, треба да ја извадите оваа глупост, оваа фикција од вашата глава“, му рекол тој на јапонскиот новинар.

„Путин е апсолутно фит, во најдобра форма досега… Тој е сосема здрава, трезвена личност, физички здрав – тој е спортист“, рече Лукашенко.

Белорускиот претседател, исто така, изрази жалење за распадот на Советскиот Сојуз во 1991 година, како што повеќепати кажа Путин. „Распадот на Советскиот Сојуз е трагедија“, рече тој.

„Да опстанеше Советскиот Сојуз до денешен ден, ќе избегневме разни конфликти во светот“, додаде тој. Лукашенко рече дека за време на советската ера, светот бил мултиполарен и имало рамнотежа.

„Сега причината за она што се случува во светот е униполарноста – монополизацијата на нашата планета од страна на САД“, рече тој.