„Путин е воен злосторник и крадец“: Блогер, кој со години му беше лојален на Кремљ, заврши на психијатрија

Поддржувач на Кремљ го нападна Путин, по што заврши во психијатриска болница

од Nikola Popovski
12 прегледи Фото: Принтскрин/Јутјуб/Ходорковский LIVE

Илја Ремесло, адвокат и блогер кој со години се сметаше за лојален поддржувач на Кремљ и Владимир Путин, оваа недела одеднаш направи драматичен пресврт и јавно го нападна рускиот претседател – само за набргу потоа да заврши во психијатриска болница.

Ремесло претходно бил познат по своите агресивни напади врз тамошнатта опозиција, особено врз Алексеј Навални, против кого водел кампањи и правни иницијативи. Сепак, во објава на Телеграм на 17 март, тој целосно го менува тонот и вели: „Владимир Путин не е легитимен претседател… тој мора да поднесе оставка и да биде изведен пред лицето на правдата како воен злосторник и крадец“.

Како што објавува Радио Слободна Европа, ваквите изјави се речиси незамисливи во денешна Русија поради строгите закони против критиките кон владата.

Во следните денови, Ремесло дополнително го објаснил својот став, наведувајќи дека војната во Украина носи огромни жртви и дека „обичните граѓани не добиваат ништо од тоа, туку само губат“. Тој, исто така, ја обвинил руската Влада за задушување на слободата на медиумите и интернетот, со пораката: „Тој се плаши од дебати и фер избори, бидејќи царот е гол“.

Само два дена подоцна, се појавила информација дека тој бил примен во психијатриска болница во Санкт Петербург. Околностите не се разјаснети – не е познато дали бил хоспитализиран доброволно или под притисок.

Некои аналитичари веруваат дека тоа може да биде обид да се избегне кривично гонење, додека други веруваат дека станува збор за личен слом.

Неговиот ненадеен пресврт предизвика неверица дури и кај опозициските кругови. Некои се сомневаат дека зад сè стои поширока игра, додека други веруваат дека Ремесло едноставно ја преценил својата позиција во системот. Според Радио Слободна Европа, некои коментатори прават паралела со претходните случаи на луѓе од естаблишментот кои се свртеле против владата – и брзо ги трпеле последиците.