Претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин изјави дека самите европски земји создале услови стотици илјади бегалци да се движат кон нив и дека сега се обидуваат да се ослободат од одговорноста за тоа што се случува.
Коментирајќи ја бегалската криза на полско-белоруската граница, Путин за ТВ Русија1 изјави дека европските земји се виновни за сегашната ситуација.
„Реков зошто: од политички, воени и економски причини. Тие самите создадоа услови илјадници и стотици илјади луѓе да си заминат, а сега бараат виновници и ја тргаат од себе одговорноста за настаните што се случуваат“, посочи Путин, пренесе РИА Новости.
Претседателот на Русија ја изрази подготвеноста на Москва да ја ублажи бегалската криза на белоруско-полската граница, која е и граница меѓу Белорусија и ЕУ.
„Кога ќе ги слушнам обвинувањата против нас, сакам да им порачам на сите – занимавајте се со вашите домашни прашања, но не обидувајте се да ги префрлате на други бидејќи тоа е во надлежност на вашите органи. Сепак, ние сме подготвени да дадеме свој придонес и да помогнеме да се реши ситуацијата“, изјави претседателот на Руската Федерација во интервју за ТВ Русија 1.