Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ за разрешување на двајца амбасадори, во Летонија Михаило Ванин и во Естонија Владимир Липаев, соопштено е денеска во Москва.
Истовремено, Русија го прогласи естонскиот амбасадор за персона нон грата врз основа на реципроцитет, соопшти руското министерство за надворешни работи, пренесе ТАСС.
„До шефот на естонската дипломатска мисија беше упатен силен протест затоа што дипломатскиот службеник на руската амбасада во Талин на 24 март беше прогласен за персона нон грата, без никаква основа. Дипломат на слично ниво од естонската амбасада во Москва ќе мора да ја напушти Русија во исто време кога естонската страна го утврди заминувањето на нашиот колега“, се вели во соопштението на министерството.
Од почетокот на руската инвазија на Украина, Естонија ги намали билатералните односи со Москва на апсолутен минимум. Летонија тогаш, поради солидарност со Естонија, исто така одлучи да го намали нивото на дипломатските односи со Русија.
Во јануари оваа година, министерството за надворешни работи на Естонија објави дека поради потребата да се постигне паритет во бројот на вработени во амбасадите, Русија треба да го намали бројот на вработени на 8 дипломатски места и до 15 административни места до први февруари.
Русија, како одговор на значителното намалување на бројот на персоналот во нејзината амбасада во Талин, одлучи да го намали нивото на дипломатските односи со Естонија и го повика амбасадорот на земјата да ја напушти Москва.