Владимир Путин го спореди Илон Маск, основачот на SpaceX и еден од највлијателните претприемачи денес, со легендарниот советски инженер Сергеј Королев, клучна фигура во развојот на советската вселенска програма. Во таа прилика, рускиот претседател не штедеше пофални зборови, опишувајќи го Маск како вистински визионер, пишува „Индипендент“.
Зборувајќи за иднината на руската вселенска политика за време на состанокот со студентите, Путин рече дека Маск покажува невообичаено ниво на посветеност на истражувањето на вселената, нарекувајќи го „апсолутно опседнат со Марс“, според извештајот на државната новинска агенција „ТАСС“.
Потсетувајќи се на Королев инженерот заслужен за првиот човечки лет во вселената, кога Јуриј Гагарин стана првиот човек што ја обиколи Земјата во 1961 година, Путин нагласи колку се ретки луѓе како Маск.
„Ретко се раѓаат такви“
ТАСС ги пренесе неговите зборови: „Таквите луѓе ретко се раѓаат. Тие се опседнати со некоја идеја до таа мера што неуморно ја извршуваат. И иако овие идеи денес можеби звучат неверојатно, тие често се покажуваат како остварливи со текот на времето“.
Ова не е прв пат рускиот лидер да изрази восхит од американскиот претприемач. Во 2023 година, само неколку дена откако беше објавено дека Маск одбил да ѝ даде на Украина пристап до мрежата Старлинк за да изврши ненадеен напад врз руската морнарица во Црното Море, Путин го опиша како „извонредна личност и бизнисмен“.
Според извештаите на медиумите, Маск го одбил барањето на Украина затоа што не сакал да учествува во, како што рече, „големата војна“ потег што украинските власти јавно и остро го критикуваа. Подоцна истата недела, Путин повторно се осврна на деловниот успех на Маск, особено во контекст на развојот на приватниот вселенски сектор.
„Во однос на приватниот сектор и Илон Маск… тој без сомнение е извонредна личност. Тоа треба да се препознае и мислам дека целиот свет го препознава. Тој е активен, талентиран претприемач кој постигна голем успех, делумно благодарение на поддршката на американската влада“, рече Путин.
Неодамна, Маск сè повеќе привлекува внимание за неговите критички ставови кон Украина, во услови на континуиран конфликт со Русија.
Откако Русија ја започна својата инвазија во 2022 година, Маск беше познат како еден од најважните неформални сојузници на Украина, најмногу благодарение на обезбедувањето пристап до Интернет преку сателитската мрежа Старлинк. Но, со текот на времето, неговата реторика на социјалната мрежа Х (поранешен Твитер), која тој ја поседува, значително се промени.
Маск јавно го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски и постојано шири дезинформации поврзани со војната. Во март, откако Платформата Х беше цел на сајбер напад, Маск ја обвини Украина.
Покрај тоа, тој го обвини американскиот демократски сенатор кој го посети Киев за поддршка дека е „предавник“, ја доведе во прашање ефикасноста на американската воена помош за Украина, ги исмејуваше апелите на Зеленски за дополнителна поддршка, па дури и повика на одржување избори кои би можеле да го отстранат од власт.