Путин го покани Џинпинг во Москва, соработката меѓу двете земји е „најдобра во историјата“

од Stefanija Kuzmanovska
186 прегледи

Средбата меѓу претседателите на Кина и Русија, Си Џинпинг и Владимир Путин, преку видео повик е во тек, а аналитичарите очекуваат знак за слабеење на поддршката на кинескиот лидер за неговиот руски колега во време кога војната во Украина се одолговлекува, а Кина се соочува со невидена епидемија на ковид.

Во воведното обраќање емитувано на руската телевизија, Путин го покани Си да ја посети Москва следната пролет. Тој додаде дека двете земји ќе ја зајакнат соработката на нивните вооружени сили и го нагласи растот на трговската размена и покрај „неповолните пазарни услови“.

Билатералните односи се „најдобри во историјата и ги издржаа сите тестови“, рече Путин и додаде дека двете земји споделуваат исти ставови за причините, текот и логиката на тековната трансформација на глобалната геополитичка сцена.

Москва и Пекинг се зближија во последниве години, а Си и Путин изјавија дека двете земји имаат „неограничено“ партнерство, неколку недели пред Русија да ја нападне Украина.

Кина оттогаш одби да ја осуди агресијата, наместо тоа постојано обвинувајќи ги НАТО и САД за конфликтот – и останува еден од клучните преостанати поддржувачи на Русија додека земјата станува се поизолирана на глобалната сцена.

Сепак, според експертите, по повеќе од 10 месеци тешка војна, светот изгледа многу поинаку, а динамиката меѓу овие двајца партнери соодветно со тоа се менува.

Наместо очекуваната брза победа, инвазијата на Путин претрпе бројни неуспеси на бојното поле, вклучително и недостаток на основна опрема. Моралот во делови од Русија е низок, а многу цивили се соочуваат со економски тешкотии во текот на суровата зима.

Во четвртокот, Русија го започна она што украинските власти го опишаа како еден од најголемите ракетни напади од почетокот на војната, со експлозии што ги потресоа селата и градовите низ Украина, оштетувајќи ја цивилната инфраструктура и предизвикаа цивилни жртви.

Слични содржини