Путин го возвраќа ударот: Протерани двајца холандски дипломати од Москва

276 прегледи

Русија ќе протера двајца холандски дипломати, како одмазничка мерка за протерување на двајца руски дипломати од Холандија, обвинети за шпионажа, на крајот на декември, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во последните месеци има повеќе такви случаи во Европа, во Бугарија, Австрија, Чешка и Норвешка, со растечки руско-западни тензии.

„Водени од принципот на реципроцитет, руската страна одлучи да протера од Руската Федерација двајца дипломати на холандската амбасада во Москва“, се вели во соопштението на руското министерство, додавајќи дека белешката му е предадена на холандскиот вршител на должноста во Москва. Двајцата дипломати имаат рок од две недели да ја напуштат Русија, се додава во соопштението.

На почетокот на декември холандските власти протераа двајца руски дипломати, а холандската разузнавачка служба АИВД изјави дека одлуката е донесена по откривањето на шпионска мрежа во Холандија насочена кон високо-технолошката индустрија. АИВД обвини двајца руски државјани, акредитирани во Холандија како дипломати на руската амбасада во Хаг, за агенти на Руската служба за надворешно разузнавање (СВР).

„Холандските власти уште еднаш прибегнаа кон нивниот омилен метод за изнесување неосновани и лажни обвинувања“, изјави руското Министерство за надворешни работи, осудувајќи ја оваа „непријателска“ мерка.

Слични содржини