Рускиот претседател, Владимир Путин нареди денеска на средба со министерот за одбрана Сергеј Шојгу да се откаже планираниот напад на железарницата Азовстал во Мариупол и му честиташе за воспоставувањето контрола врз тој град, соопшти Кремљ.
„Сметам дека предложениот напад на индустриските зони е несоодветен. Ви наредувам да откажете“, рече Путин.
Тој додаде дека треба да се размислува за спасување на животот и здравјето на руските војници и офицери.
„Нема потреба да се качувате во тие катакомби и да ползите под земја низ тие индустриски капацитети. Блокирајте ја оваа индустриска зона за да не прелета мува низ неа“, рече Путин.
Шојгу изјави дека руската армија ја презела контролата врз Мариупол, а „остатоците“ на украинските сили се кријат во железарницата.
Путин му честиташе на Шојгу за „успешното ослободување на Мариупол“ и нареди да бидат повикани на тоа сите оние кои се уште не го положиле оружјето.
„Руската страна ги гарантира нивните животи и достоинствено лекување во согласност со релевантните меѓународни правни акти. На сите повредени ќе им биде укажана квалификувана медицинска помош“, додаде Путин.