Рускиот претседател Владимир Путин изрази надеж дека односите меѓу Русија и Европа еден ден ќе бидат обновени, и покрај моменталните тензии предизвикани од војната во Украина.
„Не се сомневам дека, порано или подоцна, нашите односи со Европа ќе бидат обновени. Тоа е сигурно“, изјави Путин.
Тој нагласи дека и во сегашните „предизвикувачки околности“ постојат луѓе на Запад кои ги делат руските вредности и отворено го искажуваат својот став за актуелните, но и за историските настани.
„Дури и денес, некои граѓани на Франција се борат рамо до рамо со нашите војници во зоната на специјални воени операции. Нивната единица ја нарекле Нормандија-Нојман, исто како што тоа го направиле нивните дедовци и прадедовци“, рече Путин, потсетувајќи на францускиот одред што се борел на страната на Советскиот Сојуз против нацистичка Германија за време на Втората светска војна.
Претседателот исто така ја објасни одлуката на Русија официјално да ги класифицира злосторствата на нацистичка Германија на советска територија како геноцид.
„Не станува збор за барање непријатели во минатото, туку за обид да се пренесе на целиот свет вистинската природа на настаните од тој период. Разбирањето на тие историски факти помага во сфаќањето на руската позиција денес“, истакна тој.
Говорејќи за ситуацијата на фронтот, Путин објави дека руските сили ја ослободиле Курската област за време на викендот, но предупреди дека „некои украински единици сè уште се кријат“.
„Ги слушаме што зборуваат – бараат евакуација. Но, евакуацијата не е можна, бидејќи има расфрлани групи од по двајца или тројца кои се кријат во шумите, во дувла, во целосна изолација“, изјави тој.
Путин додаде дека дел од украинските војници биле заробени и испратени назад со цел да ги повикаат своите соборци да се предадат.