Рускиот претседател Владимир Путин им порачал на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон дека земјата е подготвена да ги обнови нормалните односи со Европската унија доколку има интерес за тоа, пренесуваат светските медиуми.
– Имаше разговори за односите меѓу Русија и Европската унија. Руската страна повтори дека е подготвена да ги обнови нормалните и деполитизирани односи со ЕУ доколку во тоа има заеднички интереси – се наведува во соопштението на Кремљ, пренесе Спутник.
За време на видео конференцијата, лидерите на трите земји се осврнаа на почитувањето на примирјето во Либија и изјавија дека формирањето на преодна влада во таа земја е важен чекор, се вели во соопштението за печатот.
Путин, Меркел и Макрон се согласуваат во проценката дека ситуацијата во Сирија продолжи да се стабилизира и дека прашањето за доставување хуманитарна помош на сирискиот народ е многу важно.
Официјална Москва неодамна посочи дека недостатокот на политичка волја за сузбивање на сириската криза ги оштетува напорите за враќање на сириските бегалци дома. Руската војска, исто така, соопшти дека милитантите во Сирија спречуваат помошта да стигне до цивили.
Тројцата државници разговарале и за можното снабдување на Европската унија со руската вакцина против коронавирусот – Спутник V.
За време на конференцијата, посебно внимание било посветено на здружување на силите во борбата против пандемијата.
– Во тој контекст, лидерите разговараа за мерките за спречување на понатамошно ширење на болеста – се наведува во соопштението.
Путин, Меркел и Макрон разговараа за изгледите за регистрација на руската вакцина во Европската унија, можноста за испорака и заедничко производство во земјите на ЕУ, пренесе ТАСС.