Путин му изрази сочувство на Вучиќ: Граѓаните на Русија ја споделуваат тагата на братскиот српски народ

од Nikola Popovski
21 прегледи

Претседателот на Русија, Владимир Путин, му изрази сочувство на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во врска со несреќата што се случи на Железничката станица во Нови Сад, во која загинаа 14 лица, а три лица беа повредени.

„Почитуван господине претседателе, ве молам примете го моето длабоко сочувство за трагичните настани во Нови Сад“, се наведува во пораката на Путин и се додава дека „граѓаните на Русија ја споделуваат тагата на братскиот српски народ“.

Путин побарал од Вучиќ да им го пренесе своето сочувство и поддршка на семејствата на жртвите, како и искрени желби за брзо закрепнување на сите повредени, соопшти Кремљ.

Во цела Србија денеска е Ден на жалост поради несреќата во Нови Сад, во која загинаа 14 лица поради уривање на настрешницата на тамошната железничка станица. На територијата на Војводина е прогласена тридневна жалост. Клиничкиот центар на Војводина соопшти дека нема нови жртви и дека тројца повредени се уште се во тешка општа состојба.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека ќе започне утврдувањето на одговорноста и дека веќе денеска ќе бидат сослушани 20 лица. Тој нагласи дека јавноста мора да биде убедена дека секој што е одговорен за оваа несреќа ќе одговара. Тој изјави дека не е на полицијата да утврдува, туку на Обвинителството како дошло до несреќата и кој е одговорен.

Црна Гора исто така прогласи ден на жалост поради несреќата во Нови Сад.

Слични содржини