Рускиот претседател Владимир Путин му подарил авоматска пушка АК-47 „калашњиков“ на египетскиот претседател Абдел Фатах ал Сиси, за време на нивната средба во Каиро, јавуваат британските медиуми.
Дводневната посета на Путин на Египет, каде тој престојува како гостин на Ал Сиси,е целосно минимизирана од британските веснци,но дел од нив ја прикажуваат фотографијата, на која рускиот претседател, на својот домаќин му ја предава пушката,вадејќи ја од специјално направена кутија.
Рускиот претседател е остро обвинуван во САД и на Западот, дека го „разгорува конфликтот“ во Источна Украина, како и дека освен оружје, бунтовниците ги помага и со воена сила, но во египетскиот главен град тој бил пречекан како „голем пријател на Египет“.
Египетскиот весник „Ал Ахрам“ кој важи за близок до владата, го прогласи Путин за „херој на нашето време“ и му посветува две страници од своето издание.
Според лондонските аналитичари, средбата на двајцата претседатели и топлото добродејде за рускиот претседател треба да биде порака за меѓународната јавност, посебно за критичарите на Путин и на Ал Сиси во странство, како и порака до руската и до египетската јавност.
Путин настојува да им покаже на сите дека Русија не е изолирана, како што тоа се прикажува на Западот и оставена без влијателни партнери.
Ал Сиси, пак, со посетата на рускиот претседател, настојува на сите надвор и дома, да им покаже дека Египет не му е „благодарен“ на Западот, ниту е исклучиво приврзан за него, туку дека сам ги избира пријателите и политичките партнери.
Египетско-рускиот самит, сепак, не се организира само за пропагандни цели,па Путин и Ал Сиси разговарале за натамошно унапредување на економските и трговските врски.
Само за една година, размената меѓу двете земји е зголемена за 50 итсто,што покажува дека Русија станува клучен партнер на Египет,откако западната политичка јавност ги осудуваат задушувањето на отпорот на исламистите,по тргањето од власт на исламистичкиот претседател Мохамед Морси и забраната на Муслиманското братство.
По ноемвриската посета на руските министри за надворешни работи и за одбрана,на Каиро,сега се очекува постигнување на договор,во вредност од три милијарди долари за продавање на руски авиони „Миг 29“ и борбени хеликоптери, на египетската армија.
Во Лондон се верува дека во дијалогот за меѓународните прашања,Путин и Ал Сиси разговарале за Блискиот исток, а посебно за ситуациите во Сирија, Либија и Ирак, како и за израелско-палестинскиот конфликт.
Во времето на Студената војна, Египет и тогашниот Советски Сојуз имаа мошне блиски политички и економски односи. Тоа почна во времето на Гамал Абдел Насер, а потоа продолжи и во времето на Анвар ал Садат, иако тој прв го отвори Египет и кон Западот. Во годините на Хосни Мубарак, египетската политика целосно беше свртена кон САД и Западот кој во Каиро гледаа како на свој стратешки партнер/MIA
