Путин му понуди помош на Нетанјаху

од Stefanija Kuzmanovska
230 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин телефонски разговарал со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на кого му кажал дека Русија е подготвена да помогне да се стави крај на конфликтот меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас.

„Владимир Путин го информираше Нетанјаху за чекорите што Русија ги презема за да помогне во нормализирање на ситуацијата, да се спречи понатамошна ескалација на насилството и хуманитарна катастрофа во Појасот Газа“, се вели во соопштението на Кремљ, пренесува РИА.

Путин изразил искрено сочувство до семејствата и пријателите на загинатите Израелци, додавајќи дека најостро ги осудува нападите врз цивилното население, вклучително и жени и деца.

Претседателот на Русија денеска разговараше и со египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси, со кого се договори да работи на елиминирање на причините за кризата меѓу Појасот Газа и Израел.

Како што се наведува во изјавата на претседателот на Египет, лидерите се согласиле за важноста да се поддржи прекинот на огнот и да се обезбеди безбедност на цивилите.

Во текот на денот, Путин разговараше за конфликтот меѓу Хамас и Израел со неговиот ирански колега Ебрахим Раиси и палестинскиот претседател Махмуд Абас.

Слични содржини